Премиерот Димитар Ковачевски заедно со делегацијата која ја предводи, во Рим во базиликата Сан Клементе, пред гробот на Свети Кирил, оддадоа почит по повод празникот – Денот на сесловенските просветители.

„Подвигот на светите браќа Кирил и Методиј и нивниот ученик Свети Климент ја задолжи тогашната сесловенска христијанска цивилизација. Нивната мисија, Библијата да биде достапна и на сите јазици на сите Словени и тогаш и денес има наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога.

Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени и старословенскиот јазик да се воведе во црковните служби. Истовремено, Светите Кирил и Методиј и нивните ученици, ќе започнат и далеку поширока културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои подоцна ќе произлезе и Светиклиментовата Охридска школа.

Епохалното дело на Светите Кирил и Методиј, на различните словенски народи им овозможи самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена. Во тој дух, ние денес оддаваме почит на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ги слават со достоинство и чест. Затоа и Папата Јован Павле Втори во својата енциклика, од 31 декември 1980 година, ги прогласи Светите браќа за заштитници на Европа, вели Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.