Премиерот Димитар Ковачевски порача дека местото на учениците е во училиштата, а дека Владата и синдикатот ќе го продолжат социјалниот дијалог за да се најде решение за барањето за повисоки плати.

Имаме многу јасен закон во однос на организирање штрајк во сите делови. Училиштата, МОН, општините – кога се работи за основно образование, треба да го организираат работниот процес, бидејќи децата мора да имаат образование. Особено затоа што излеговме од период на пандемија скоро по две години кога децата мораа да седат дома – одговори Ковачевски на новинарско прашање за најавениот штрајк на вработените во училиштата и градинките.

Одговорајќи на новинарско прашања на настан на Одделот за онкологија на Детската клиника, претседателот на Владата истакна дека се надева во наредниот период да биде изнајдено решение, но нагласи дека децата мора да бидат на настава.

Знам дека на никого не му беше лесно, но јас се надевам дека во наредниот период ќе изнајдеме решение и дека децата прво ќе останат во училиштата, дека треба да продолжи наставата, а со синдикатот ќе се изнајде решение. Бидејќи и со штрајк и без штрајк на крајот мора да има социјален дијалог којшто ќе заврши со договор помеѓу синдикатот и, во овој случај, Владата – рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.