Преатеникот во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, од пред владата истакна дека масовното присуство на граѓаните протестот против криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот од страна на власта предводена од Зоран Заев и СДСМ, покажало дека целата македонска јавност е уверена дека во последниот период, особено периодот од кога СДСМ е на власт оваа држава не е ниту малку слободна.

Костовски истакна дека Државата е запоседната или заробена од малкумина политичари кои што се криминогени и едноставно работат за да ја подобрат почвата за криминалците и криминалот.

Имам прилика вечерва да говорам во очи на можеби најголемиот македонски национален празник основањето на ВМРО. Практично организацијата ВМРО или уште поточно македонскиот народ, уште во 1893 година поставиле една идеја, идеја за слободна Македонија, повторувам идеја за слободна Македонија.

 

Вечерва сме на протест пред Владата на Република Македонија, против криминалот, против невидената корупција од огромни размери и исклучително против политичкиот прогон кој што се случува во Македонија. Како што се вели во политичката наука, политичка репресија која се јавува кај политички неистомисленици т.е. се јавува спрема оние кои што немаат ист став со актуелната власт користејќи ги сите државни апарати, односно злоупотребувајќи ги – потенцира Костовски.

Тој додаде дека ова е период на милионски тендери коишто Владата ги мести, но истовремено се одвива и рекет на сите можни нивоа, од високи бизнисмени, до локални гранапчиња во населените места, а, во меѓувреме, народот нема ни за леб.

Половина милион жители во Република Македонија живеат со само 130 денари дневно, додека 25 илјади жители во Македонија живеат со минимални само 44 денари дневно, додека луѓето од власта енормно се богатат.

Не смее да си дозволиме патриотите да гнијат по затворите, а криминалците од власта да бидат на слобода. Оваа власт додека ги пушта криминалците на слобода, многу често и го обвинува народот дека е виновен за најразлични политички текови во државата и тоа можеби е еден од првите симптоми дека станува збор за диктаторска власт.

Овој политички прогон мора веднаш да запре, знаеме дека се случува поради немоќта на власта. Таа е исплашена дека за многу скоро ќе дојде тој ден кога ќе се соочи лице во лице со чистата и јасна правда, меѓутоа ова што му го прават на македонскиот народ, тој нема да го заборави и ќе го казни час поскоро – порача Костовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.