Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај уште во август 2019 година побара сега
осудените од „кумановската група“ за тероризам за настаните во Диво Насеље да бидат
екстрадирани и казните да ги одлежат во косовските затвори, а според дискусиите во
косовскиот парламент, можно е такво барање повторно да има има наскоро.

Како што објави весникот „Лајм“, за ова прашање било разговарано на вчерашната пленарна
седница во Собранието на Косово. Косовскиот премиер Албин Курти (кој уште пред да го добие
мандатот најави дека ќе бара нова истрага од Заев) посочил дека до овој момент нема официјална иницијатива и дека не може да ја има додека не заврши случајот во Врховниот суд во Македонија, пренесува „Канал 5“.

Нивното преместување се врши индивидуално а не групно, и постапката за преместување започнува со барање на лицето кое ја издржува казната. Засега немаме ништо официјално за ова – изјавил Курти.

По расправата во косовското собрание, се огласил и братот на еден од осудените од
кумановската група, посочувајќи дека тие (осудените) никогаш не побарале доиздржување на
казната во Косово, туку бараат случајот да се врати на повторно судење и бараат да се
отстранат термините „тероризам“ и „терористичка група“ бидејќи, според нив, биле неосновани.

Токму на оваа тема реагирал пратеникот на опозициската ПДК – Хисен Бериша, до Курти.

Што е направено за да не се сметаат за терористи, бидејќи за ова прашање се расправаше во Собранието? – прашал Бериша, обвинувајќи го премиерот дека токму негов колега го употребил „неправедниот епитет“ („терорист“), а сега глумат дека наводно се грижат за кумановците кои во Македонија „се држат во затвор“, пренесе „Канал 5“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.