Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, рече дека ситуацијата со пожарот што веќе неколку дена гори во Општина Сарај е специфична, затоа што откако ќе биде изгаснат продолжуваат да горат корењата под земја и тој повторно се разгорува.

Затоа десет припадници на полициската специјална единица заедно со француски инструктори, како што рече Англеов, се спуштиле на планината и рачно ги гаселе сите точки што претставуваат опасност од повторно разгорување. Но, сепак, и покрај сите напори, вели директорот на ЦУК, по надлетување со хеликоптер, било забележано дека повторно се јавиле критични точки. Затоа француските експерти во текот на утрешниот ден ќе го надлетаат реонот со дронови со терманлни камери за да ги откријат потенцијалните жаришта кои не се видливи со голо око.

Ангелов на денешната прес-конфернција, исто така, ја повика опозицијата да испрати свој претставник од комисијата за одбрана и безбедност за да ја следи работата на Главниот штаб и да даде забелешки и така да се подобри работата на ова тело.

Денеска, според прегледот на активни пожари, како што беше соопштено на прес-конференцијата на ЦУК, во Општина Сарај, пожарот над селата Раович и Букојчо, односно над нив, сѐ уште е активен на непристапен терен и се дејствува со два хеликоптера на Армијата за да се изгасне. Во Неготино, кај селото Барово, пожарот е сѐ уште активен, гори сува трева и нискостеблеста шума, таму интервенираат противпожарни возила, како и комуналното претпријатие. Во Петровец, Скопско, кај село Дивље, пожарот е локализиран. Во Виница пожарот на градската депонија сѐ уште тлее, но е локализиран.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.