Од Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, велат дека, согласно Хелсиншката конвенција, секој граѓанин има право да  се изјасни за етничка припадност. Ваквата реакција доаѓа откако изби скандалот со вработувањето на Александра и Ангелина, со презимиња на „ски“, за стручни советнички за кои се бара албанска етничка припадност. Оттаму се правдаат и дека во огласот не било наведено која етничка припадност е потребна за соодветните работни позиции. Министерството за култура и вицепремиерот за борба против корупција и човечки ресурси се прогласија  ненадлежни за вработувањата во националните установи, пишува „Плусинфо“.

Одлуките за вработување на двете советнички на „ски“ се донесени на 29 јануари 2021 година, врз основа на Оглас за вработување бр. 02/2020. Во нив се цитираат соодветни членови од Статутот на Јавната установа и од Законот за културата. Потписникот, директорот Коле Чапкановски, се повикал и на Годишната програма за вработување. Двете кандидатки за работните места  стручен соработник за конзервација на дрвена и камена пластика и стручен соработник за ѕидно сликарство освоиле максимум бодови.

За ваквиот начин на избор на советници од Националната установа Конзерваторски центар за „Плусинфо“ велат дека e постапено според она што се барало на огласот и Балансерот за вработување добиен од Министерството за информатичко општество и администрација.

Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, согласно годишниот план за вработување, имаше предвидено седум вработувања согласно потребите. Постапено е согласно Балансерот за седум вработувања добиен од МИОА за застапеност по етничка припадност. Во огласот не е наведена етничката припадност за секоја работна позиција поединечно. Право е на секој граѓанин и тоа е неспорно да се изјасни за етничка припадност согласно Хелсиншката конвенција. Постапено е согласно приложените пријави и приложената документација која се бараше по објавениот оглас за вработување – велат од Конзерваторскиот центар.

Во Огласот за вработување бр. 02/2020 стои дека од овие седум вработувања само еден треба да биде Македонец (ка) од останатите четири треба да бидат  Албанец (ка) и по еден Роми(ка) и Србин (ка).

Министерство за култура, во рамки на кое работи оваа национална установа, се прогласи за ненедлежно за донесените одлуки на комисијата за вработување во установата и на директорот на установата и ги повика незадоволните кандидати да се жалат.

Министерството за култура нема надлежност и ингеренции во делот на спроведувањето на вработувањата во националните установи од областа на културата. За реализација на секое вработување, соодветната nационална установа формира комисија, која согласно законските норми ја спроведува целокупната постапка. Незадоволните кандидати ја имаат законската можност за поднесување на жалба до соодветните органи на националната установа или до другите надлежни државни институции кои имаат ингеренции за примена на прописите од областа на работните односи – велат од Министерството за култура.

Повеќе на „Плусинфо“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.