Премиерот Зоран Заев денеска ја прими донацијата од 4.680 дози од вакцината на „Фајзер“ од српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Пакетот од 4.680 од вкупно 8.000 е израз на пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош за македонските граѓани додека да стигнат вакцините што ние ги нарачавме, истакна Заев во говорот.

Рече оваа солидарност е израз и на традицијата на регионот.

Првата рака на помош да се подаде на најблискиот сосед. Овој чин ги зацврстува и им дава светла перспектива на односите меѓу Србија и  Македонија, кои без друго се традиционално пријателски. Нашите сограѓани, Србите во Македонија и Македонците во Србија се алката на поврзување на двете земји, рече Заев.

Вакцините од Србија, рече премиерот, ќе влезат во Националниот план за имунизација.

Тој постојано ќе се ажурира согласно динамиката на пристигнување на останатите договорени вакцини во земјата, типот на вакцината и спецификацијата на секоја одделна вакцина. Утврдени се приоритетните групи за вакцинирање, а почнато е доброволното пријавување на граѓаните, со што во полна функција го ставаме целиот процес на имунизација на населението со вакцини кои штитат од Ковид-19, рече Заев.

Вучиќ, пак, рече примопредавањето на вакцините можело да се случи уште пред 10 дена, но Србија имала голем проблем со добивањето дозвола за извоз.

Можевме тоа да го направиме уште пред 10 дена, но сакам да знаете дека имавме многу проблеми со добивањето дозвола за извоз затоа што тоа се многу строги процедури. На крајот им се заблагодарив на луѓето од „Фајзер“ што ова го овозможија. Но тоа мора да се направи по неверојатно сложени процедури за да не претрпите санкции. Јас сум среќен што граѓаните на Македонија ќе може да почнат со имунизација. Да почнат и пред некои други во регионот. Среќни што можеме да им помогнеме на нашите браќа и пријатели, рече Вучиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.