Со денешните активности завршува темелното чистење на депонијата на магистралниот пат А3 во делот на обиколницата над Битола. Состојбата во овој дел е комплетно променета, а отстранети се вкупно 2.000 метри кубни отпад, соопштија денеска од битолското јавно претпријатие.

Покрај координираното делување на терен и спроведените активности со соодветна механизација од страна на јавните претпријатија, деновиве за дорасчистување рачно интервенираа и 10 вработени од ЈП “Комуналец“. Покрај отстранувањето на отпадот, ќе се изврши и миење на улицата со цистерна, со цел завршување на координираната акција за чистење на големата депонија, која претставуваше опасност за возачите, лоша слика на влезот во градот, а од еколошки аспект со себе повлекуваше низа штетни последици.

Од таму нагласуваат дека одржувањето на сегашната состојба, покрај со организирани активности од страна на општината и јавните претпријатија, потребно е да биде приоритет и на однесувањето на граѓаните, кои нема да дозволат појава на нова депонија.

Јавното претпријатие „Комуналец“, во овој дел продолжува и со расчистување на игралиштето над магистралниот пат, од каде се отстранети 200 м³ отпад, а во крајната фаза на расчистување на игралиштето, ќе биде вклучено и месното население.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.