Учебната година ќе започне со онлајн настава, пресече Министерството за образование. На денешната прес-конференција министерот за образование Арбр Адеми рече дека новата учебна година треба да почне, но со електронска комуникација.

Исклучок ќе има во два случаи – за учениците од 1 до 3 одделение, кои ќе посетуваат настава во училиште, со физичко присуство, а втор исклучок ќе има и ќе се дава согласност за организирање на настава со физичко присуство во училишта каде има многу мал број ученици.

И во двата случаи, ќе се бара согласност од родителите нивните деца да присуствуваат на наставата. Со барање на родителот и овие ученици ќе можат наставата да ја следат и онлајн.

Одлучивме родителите на овие ученици да можат да одлучуваат дали детето да следи онлајн или физичка настава, како резултат на тоа што тие можеби имаат родители со хронични болести или ги чуваат баби и дедовци кои се ризична категорија, па семејството е во поголем ризик. Вториот исклучок е во училиштата каде има мал број на ученици и тие ќе можат да следат настава со физичко присуство. Ова секако по барање на училиштата кои оваа одлука ќе ја донесат во согласност со родителите, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Според изработените протоколи, во една училница не смее да има повеќе од 20 ученици, со цел да се спречи ширење на коронавирусот. Учениците кои ќе посетуваат настава во училиште ќе треба да носат маски, а во однос на одморите помеѓу часовите треба да има 10 минути растојание за да не дојде до групирање на учениците.

Ова е значајна, тешка одлука и затоа беа неопходни консултации, рече Адеми кој додаде дека одлуката ја донеле по долги консултации со Министерството за здравство, особено со Комисијата за заразни болести.

Рече дека од сите чинители се очекува максимална одговорност, за да не дојде до влошување на епидемиолошката состојба.

Следен чекот е Владата да ги разгледа овие протоколи, а потоа ќе бидат доставени до општините.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.