Респираторите порачани за Македонија од Кина преку норвешката Амбасада од Белград „ги земала Владата на Турција“, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања на Македонија, воедно и шефот на централниот Кризен штаб за справување со коронавирусот, Бујар Османи, за време на посетата на Прилеп.

Според аналитичарот Хасан Балкан, кој важи за близок на властите во Анкара, но и добар познавач на македонско-турските односи, оваа изјава на Османи е контровезрзна и тенденциозна.

Дека изјавата на Османи беше контроврзна и тенденциозна освен од зборовите, можеше да се види и циничната насмевка на неговото лице во кое со своевидна иронија и со вметнување на одредени зборови создаде конфузија наместо како одговорен политичар да ја разјасни настанатата ситуација, пишува Балкан за „Тајм Балкан“.

Балкан објаснува дека респираторите во речиси сите земји од светот со официјални одлуки на владите се забранети за извоз и се користат за потребите на националните здравствени системи во земјите кои ги произведуваат и кои ги поседуваат.

Ваквата пракса ја применува и Република Турција во борбата против невидливиот непријател – коронавирусот. Исто така, општо познато е дека помошта (донација) која е наменета од една држава за друга држава, не може да биде задржана од трета држава и за тоа според меѓународните законски прописи би била тужена.

Токму поради тоа невистинита е изјавата на Османи дека „Владата на Турција ги земала респираторите за Македонија”. Наместо коректно, комплетно и јасно да ја образложи ситуацијата како што е, Османи својата неспособност ја крие зад обвинување на Турција, која е стратешки партнер на Македонија и тоа уште од нејзината самостојност, која постојано и за разлика од другите, безусловно ја поддржува Македонија.

Зошто господине Османи наместо неосновани обвинувања кон Турција не упативте благодарност за медицинската помош од оваа држава за Македонија?. Зарем таквата помош во овие денови кога на граѓаните им е потребна медицинската опрема која живот значи а кога властите на државата отворено бараат помош, не е важна за вашето внимание?, прашува Балкан.

Балкан јавно го прашува Османи дали ова го прави можеби поради постигнување на евтини политички поени, но за сметка на нарушување на односи со држава која за Македонија, што може скапо да ја чини.

Кому сакате да му се додворите со таквиот антитурски вокабулар во кој наведувате дека “ќе се избегне Турција”? Дали господине Османи ваквото некоректно политичко однесување кон пријателска Турција во време на оваа криза за вас значи лажен и краткотраен политички триумф со чии последици подоцна треба да се соочува државата и нејзините граѓани?

Ова се само неколкумина од многуте прашања господине вицепремиер Османи, кои ги отворате со вашите несовесни изјави, а за кои одговор им должите на граѓаните од чии џеб земате пари, се вели во анализата.

Балкан му замерува на османи што и покрај бројните позитивни и пофални коментари на социјалните мрежи за Република Турција поради испратената медицинска помош за справување со коронавирусот, која пристигна на 8 април на аеродромот во Скопје, забележително беше и тоа што никој од македонските фунцкионери во својата благодарност кон Турција за медицинската помош, не го користеше зборот „помош”, туку само медицинска опрема, додека за другите држави во најголем дел го користеа зборот помош.

А важно да ве потсетиме е и тоа што некои високи владини функционери помошта од Турција за справување со Ковид-19 ја занемарија, па не беа доследни да кажат ниту едно срдечно „благодарам Турција”.

Исто така, помошта од турските институции и невладини организации продолжува и во овие денови пред месецот на постот Рамазан и во време на последиците со кои се соочуваат граѓание поради ситуацијата предизвикана од коронавирусот.

Ќе ве потсетам господине Османи и на народната изрека која вели: „Кој не му е благодарен на народот, не му е благодарен ниту на Господ.”

Кому тогаш вие сте му благодарни и чии изјави браните? – е уште едно прашање кое и понатаму останува „енигма“, му пишува Балкан на Османи.

Текстот на Балкан за познавачите на турско-македонските односи се толкува како знак за драматично нарушување на односите меѓу администрацијата на Реџеп Таип Ердоган и владата на СДСМ особено кон коалицискиот партнер ДУИ.

Иако зборува само за инцидентот со респираторите, ваквата остра реакција од Балкан следува по изненадувачката политика на СДСМ поддржана од ДУИ да се придружи на санкциите на ЕУ кон Турција.

Според дел од упатените односот на СДСМ и ДУИ кон официјална Анкара е во тесна врска со пораките кои турската влада би ги испратила кон турската заедница во Македонија во пресрет на изборите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.