Лекарската комора преку соопштение од новинарите бара да се почитува пресумпција на невиност и да се избегнува практиката на објавување на комплетните имиња и презимиња на доктори за кои се поведува некаква постапка пред надлежните институции.

Овластените институции, без влијанија и пристисоци, како што посочуваат од Лекарската комора, си ја извршуваат својата задача која се базира врз факти и стручни заклучоци од страна на експерти по одредени, соодветни области.

Секое истапување во јавноста со делумни информации за покренати постапки за спроведување на вонредни стручни надзори за доктори на медицина, внесуваат голема конфузија и го рушат угледот и достоинството на докторите. Исто така, секое објавување на името на оние за кои е покрената истражна или друга постака е прејудицирање на вината и со право може да се смета дека е форма на притисок врз надлежните институции и јавноста, искривувајќи ја сликата за вистината, истакнуваат од Лекарската комора.

Комората го поддржува навременото, објективното и аналитичко информирање на јавноста за сите настани и појави во здравството, но не и предвремената јавна осуда на инволвираните лица и институции, поаѓајќи од неприкосновеното правило за тоа дека секој е невин додека со судска одлука не се констатира спротивното. Од тие причини, Лекарската комора на Република Македонија најосторо реагира на сите постапките на медиумите и новинарите со кои се разрушува угледот и достоинството на докторската професија, стои во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.