Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ изразува поддршка на матичните лекари кои штрајкуваат. Целта на штрајкот е да има подобри услови за пациенти и за нив кои се столб на здравствениот систем во државава.

Како Комисија реално ги согледуваме нивните проблеми и барања.

Посебно работно тело при Комисијата ги разгледа проблемите на матичните лекари. Притоа донесе конкретни решенија кои одат во прилог на матичните лекари. Нивните барања кои се во прилог на пациентите заедно со нив ќе се разгледуваат постојано и истите ќе се реализираат по падот на оваа неспособна власт која создаде хаос во здравствениот систем.

Доволно е да се потсетиме на ветувањата кои ги даваше СДСМ во својата тн. предизборна програма во однос на здравството, а од кои не оствари речиси ништо. Тоа особено се однесува на проблемите кои ги имаат матичните лекари.

Со реализација на нивните барања ќе имаат корист прво, граѓаните, а потоа и целиот здравствен систем.

Во иднина ќе престане малтретирањето на пациентите, упатување на специјалист за препишување на хронична терапија за која матичните се стручни да ја дозираат. Со тоа ќе се растерети секундарното здравство од непотребно зафатени термини кои ќе се користат за згрижување на посериозно болни пациенти на кои им е потребна дијагноза.

Со покачување на капитациониот бод ќе им се олесни континуираната едукација на матичните за која вложуваат многу средства од сопствен џеб. Ќе може да набават современа и квалитетна опрема како на пример ехо со цел подобра и навремена дијагностика. Притоа ќе се стимулираат и младите лекари да останат во државава и да градат кариера во својата татковина.
Бенефитите за општеството во целост ќе бидат огромни, сметаат од Комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.