Комисијата за заразни болести по денешниот редовен состанок предложи укинување на задолжителното носење маски во затворен простор. Од оваа мерка исклучок се здравствените установи, аптеките, домовите за стари лица и јавниот превоз. За овие четири затворени објекти останува задолжителното носење маски. Маските во сите останати простории може да се носат само по желба на граѓаните, но задолжително носење не се практикува веќе.

Сегашните услови ни даваат право да предложиме олеснување на мерките, па сите на денешниот состанок се согласивме дека треба да ја укинеме мерката за задолжително носење заштитни маски во затворен простор. Сепак, мерката сѐ уште ќе продолжи да важи во здравствените установи, во јавниот превоз, во старечките домови и во аптеките. Значи, во овие четири затворени објекти останува задолжителното носење маски. Во сите останати затворени простори маските можат да се носат само по желба на луѓето, но задолжително носење маски не се практикува, рече претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

Втората препорака на Комисијата се однесува на следењето на контактите на потврдените ковид случаи во земјава. Нема веќе да се следат контактите на заразените и нема да се препорачува изолација за нив. Овие препораки ќе бидат испратени до главниот координативен кризен штаб.

Го укинуваме епидемиолошкото следење на контактите и последователната препорака за изолација на контактите. Ова се крупни промени и се носат врз основа на нашата проценка на епидемиолошката состојба во државата. Нашите препораки уште денеска ќе бидат испратени до главниот кризен штаб на Владата – рече Петличковски.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.