Зимскиот семестар во академската 2021/22 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе започне со комбиниран пристап од онлајн настава и настава со физичко присуство, соопшти Универзитетското студентско собрание.

Неколку минути откако извести дека наставата ќе се одвива онлајн, поради лавината реакции од студентите, Универзитетското собрание ја промени одлуката и упати ново известување.

Во соопштението до студентите се  додава дека и тековната испитна сесија исто така ќе продолжи комбинирано, односно професорите сами ќе одлучуваат како ќе се спроведува испитот – онлајн или со физичко присуство, притоа запазувајќи ги мерките за заштита од Ковид-19.

Универзитетското собрание изминатиов период спроведе анкета во која студентите беа запрашани дали сметаат дека наставата треба да се спроведува со физичко присуство.

Според споделените одговори, може да се види дека мислењата на студентите се поделени, но поголем дел сметаат оти наставата треба да се одвива само онлајн.

Ставот на студентите е тесно поделен, но сепак резултатот од анкетата претежнуваше на тоа наставата да се одвива онлајн. Сепак, заради лавината на реакции, најоптималното решение е наставата да биде комбинирана  и онаму каде има можност за спроведување на наставата со физичко присуство, да биде така“, велат од УСС УКИМ.

Универзитетското собрание соопшти и дека ќе се овозможи отворање на вакцинален пункт на Универзитетот со цел олеснување на процесот на вакцинација на студентите и кадарот на УКИМ. Од таму велат и дека од Владата ќе се бара изготвување на протоколи за високото образование.

Дел од студентите на социјалните мрежи реагираат на одлуката за хибридно учење. Според нив, не сите факултети ги имаат истите потреби, па затоа секој факултет сам треба да донесе одлука како ќе се одвива наставата според потребите на предметите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.