Бојан Јовановски, познат како Боки 13, е сместен во хашкото одделение во истражниот затвор Шутка бидејќи командирите кои проценуваат во кој оддел ќе бидат сместени притворениците донеле таква одлука. Дополнително, по заминувањето на неколку обвинети за случајот 27 април од затворот, се ослободиле неколку келии во ова одделение, вели за „Република“ директорот на КЗП Шутка, Есад Рахиќ. За него постојат посебни мерки поради, како што велат безбедносни причини. А зошто безбедноста на Јовановски е загрозена никој не кажува. Тој има посебен третман, со оглед на тоа што хашкиот оддел е со далеку подобри услови од останатите келии.

Има повеќе критериуми по кои се определува во кој оддел се сместуваат притворениците. Во моментов капацитетот на затворот е прилично исполнет, а со заминувањето од хашкиот оддел на неколку обвинети за случајот 27 април, таму се отворија неколку слободни келии. Исто така во овој дел мора да бидеме особено внимателни затоа што за најмала повреда на правата, како на пример довикување од друг притвореник, ние може да добиеме тужба, вели Рахиќ.

Тој додаде дека со вториот обвинет, Зоран Милески – Кичеец, со Јовановски не може да биде во исто одделение заради поврзаност со делото.

Сепак, за разлика од сега кога е запазена процедурата осомничени за истото дело да не бидат смесетни во ист оддел, тоа не беше случај кога поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Јанакиески и Ристовски беа нападнати за време на нивната прошетка во дворот на затворот. Тие дури по инцидентот во кој едниот од нив за здоби со тешки повреди, беа сместени во хашкото одделение во КЗП Шутка.

Покрај тоа, обвинителството најави дека наскоро може да биде проширена истрагата, што значи и нови лица инволвирани во овој случај со рекет може да се најдат во притвор. Каде ќе бидат сместени тие за да не бидат во контакт?!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.