Штипскиот војвода Ковачев ќе каже „Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за нea. Ја сакам Македонија повеќе од сè друго на светот“. И сето ова ја опишува посветеноста, но и големината кон делото кон кое ние се поклонуваме, а чие име на држава денес сакаат да ни го сменат. Не може да биде годината што изминува успешна а кога знаеме дека посегнаа,за нас по најсветото, по името на нашата татковина и на нашиот идентитет – им посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на младите од неговата партија.
УМС на ВМРО-ДПМНЕ вечерва слави 27 години од формирањето. Тој зборуваше за, како што рече, болката од решителноста на актуелната влада за промена на уставното име на земјата.
И онака насилнички, со целосно газење на волјата на народот тргнаа да го менуваат. Најлажливо креваа димни завеси, правеа операции, се препелкаа во сопствената жива кал само да го намалат срамот. Ама срамот со промената стои, останува, не се трга таа лузна испишана во душата на секој Македонец. Боли затоа што името е во прашање, но и идентитетот, нашето минато, историја и образование. Но она што највеќе боли е тоа што во очи го лажат и понижуваат народот, додека ја кршат кичмата, додека го стегаат ременот, и го одземаат воздухот…И нема поганост, нема валкана работа која тие ја направија, а толку многу јасно не ја видовме во овој процес. Притисоци, скршени луге, измачувања и играње со човечки судбини, уценети пратеници, луѓе кои си го погазија достоинството, ја голтнаа честа и ја поклонија душата на нечестивите. И сето ова на грбот на граѓаните. Таквата трговија која ја правеа за обезбедување на мнозинство во Параламентот поради тоа што немаа мнзоинство и поддршка од народот сакаа да ја засенат со милион пердуви, лажни теми само за да се одвлече вниманието – коментира Мицкоски.
Тој упати и прашање до оние од власта – дали се свесни што направија.
И еве сега, денес, кога пердувите ги нема, кога легнува прашината, да ги прашам луѓето од власта свесни ли сте што направивте? Колку многу го разоравте и поделивте општеството? Колку само болка нанесовте на Македонецот? Му заривте нож во грбот. Му заривте нож во срцето! Го разочаравте. Спиете ли со мирна совест? Колку само многу ја заглавивте државата во безизлез? Нема потреба од глумење лудило, и на најмалите им е јасно во каква опасна игра само за тие пусти функции и пари ја вовлековте државата и колку многу го дегенериравте општеството. Пердувите легнаа, но срамот остана за навек.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.