Советот на јавни обвинители на денешната вонредна седница едногласно ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е третоосомничена за случајот „Рекет“ и се наоѓа во притвор. За нејзино разрешување гласаа сите осум пристуни членови на Советот на вонредната седница.

Советот на јавни обвинители на денешната вонредна седница едногласно одлучи да ја разреши од функцијата специјален јавен овинител Катица Јанева поради незаконско, нестручно и несовесно работење, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски по завршувањето на седницата.

Одлуката за разрешување на Јанева, додаде, стапува на сила со денешниот ден и ќе биде објавена во службените гласила согласно процедурата.

Тој посочи дека в понеделник ќе продолжи седницата на која ќе се расправа за регулирање на статусот на другите јавни обвинители во Специјалното јавно обвинителство кога ќе биде констатиран престанок на нивниот мандат и ќе биде донесена одлука дали да се вратат во нивните матични јавни обвинителства.

Ќе мораме да ги примениме одредбите од Законот за специјално јавно обвинителство за престанок на нивната функција, затоа што таму е предвидено дека нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавнен обвинител. Тоа в понеделник ќе го констатираме само со одлука. Став на Советот е дека не постојат услови за поставување на вршител на должност во Специјалното јавно обвинителство имајќи го во предвид самиот Закон за СЈО каде е наведено дека предлогот за именување на специјален јавен обвинител го дава Собранието. Очекуваме предлог од Собранието и ако биде доставен ќе постапиме по предлогот, бидејќи законот се уште е во важност, потенцира Колевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.