Според новиот претседател на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, отворена седница за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева може негативно да влијае на случајот „Рекет“.

Илија Димовски, претседател на собраниската Комисија за именување, ја закажа отворената седница за утре, но според Колевски расправата е подобро да се одржува зад затворени врати, затоа што се работи за истрага која е сè уште во тек од страна на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и дека материјалот е доверлив.

Откако ќе го добиеме барањето од претседателот на собраниската комисија за избори и именувања, советот ќе одржи седница на која ќе се разгледа предлогот за декласификација. Сепак собраниската комисијата сама одлучува дали седницата ќе биде јавна, изјави Колевски за „Сител“.

Димовски вчера изјави дека најпрво ќе побара од Советот на јавни обвинители материјалот да не го класифицира како доверлив, иако истиот има сензитивна содржина, и се заложи седницата да биде јавна.

За да биде јавна, од 13 членови-пратеници потребно е „за“ да се изјаснат 2/3, односно да гласаат најмалку девет пратеници. Откако Комисијата ќе се изјасни, предлогот оди на пленарна седница каде се потребни се барем 80 гласа од можни 120 пратенички гласови за разрешување на Катица Јанева, вклучувајќи и Бадентерово мнозинство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.