Обвинителот Ацо Колевски е избран за претседател на Советот на јавни обвинители. Колевски бил единствен пријавен кандидат и е избран едногласно.

По започнувањето на вчерашната постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Колевски денеска не сакаше да одговори дали Советот ќе избере нејзин наследник.

Советот ги носи одлуките со мнозинство гласови, така што, доколку ова прашање се постави во работата на Советот, јас ќе го изнесам на седница за да го слушнам мислењето на секој од членовите и евентуално заедно да донесеме некоја одлука доколку сметаме дека има потреба. Не би можел да кажам мој став, бидејќи би го прејудицирал мислењето или одлуката која би ја донел Советот во однос на тоа прашање, рече Колевски.

Новоизбраниот претседател на Советот на јавни обвинители оцени дека случајот „Рекет“ во кој осомничена е и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, фрла дамка врз целата јавнообвинителска функција.

Верувам дека колегите преземаат се што е во нивна моќ и во нивна надлежност да го расветлат овој случај кој морам да признам дека фрла темна дамка врз целата јавнообвинителската функција, изјави Колевски, одговарајќи на новинарски прашања по неговото именување на фунцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.