На некои македонски портали се објавува банер, во кој на црна позадина се гледаат ликовите на бизнисменот Орце Камчев и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Меѓу двата лика стои паролата „Нема недопирливи“, пишува Плусинфо.

Ако кликнете на банерот, тој води директно до страната на кампањата на СДСМ „Најдборото за мојата општина“ и до ликот на Зоран Заев.

Нема сомневање дека лозунгот „Нема недопирливи“ и фотографијата на Зоран Заев со логото на СДСМ е порака дека премиерот и владејачката партија директно стојат зад апсењата на Камчев и на Мијалков, зад сомнителните одлуки за притвори и зад однесувањето на обвинителите и на судиите. Во јавноста се пласира порака дека Заев лично е заслужен за тоа што двајцата „недопирливи“ се зад решетки, што го оспорува неговото тврдење дека тоа е работа на органите на прогонот и на правосудните органи и дека тој, како претставник на извршната власт и како лидер на политичка партија, не се меша во нивната работа. Мислам дека овој банер од црната кампања е голем гаф на СДСМ и на Заев лично, вели експерт за маркетинг, кој сака да остане анонимен од разбирливи причини, а пренесува Плусинфо.

Црната кампања не е законски забранета, објаснува тој, но со конкретниот банер се испраќа јасна и недвосмислена порака дека во Македонија не само што се крши начелото на презумпција на невиност, туку директно се признава дека партијата на власт и премиерот директно ги контролираат правосудните органи, коментира порталот.

Одбраната на Орце Камчев за Плусинфо вели дека за ова веќе се известени странски дипломатски претставништва и други меѓународни институции.

Случајот на нашиот клиент се интернационализира и веќе среќаваме написи во странски медиуми за тоа дека е незаконски притворен, дека судскиот предмет е сомнително инициран и дека господинот Камчев е изложен на нехуман и понижувачки третман со големи ризици по неговото здравје. Овој банер е директен доказ кој стои зад тортурата – велат од одбраната на Камчев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.