Во најновата колумна новинарот Бранко Героски меѓу другото се осврнува и на т.н. специјална каса која постоела во СЈО, а со која раководела Катица Јанева.

Петто, да споделам уште една неофицијална информација, бидејќи ионака ветив дека со „Рекет“ јас немам завршено. Според моите сознанија, во Специјалното јавно обвинителство имало и т.н. спец-каса. Најнапред, за помладите и неуките, да објаснам што е тоа спец-каса. Такви каси своевремено имаше во МВР и во тајната полиција, а и во Агенцијата за разузнавање. Тоа беа каси кои се полнеа од разни извори (од заплени при вршење кривилни дела, од пари фатени при поткуп и слично), а се празнеа од страна на полициски функцонери и началници, многу често без формални одлуки и објаснувања, според нивните потреби. Неколку функционери во минатото беа сомничени за злоупотреби на ваквите спец-каси.

Е сега, јас имам слушнато дека со таквата спец-каса во СЈО раководела Катица Јанева, но дека од таа каса се офајдиле и други нејзини колеги. Па сега, како и мојот драг колега колумнист, така и јас имам една молба до надлежните, кои и да се тие – може ли на народот да му биде кажано дали имало таква каса, колку пари имало во неа, кој раководел со касата, колку пари се потрошени и кој најмногу се офајдил? Бидејќи и јас не верувам дека Катица Јанева за сево ова ќе проговори во судница.

Инаку, апсолутно се согласувам со мојот драг колега дека вистината за срамната дискредитација на СЈО треба да се каже, ама уште сега, во текот на судските рочишта за аферата „Рекет“. За жал, јас и мојата веќе славна суета, сепак, не сме виновни што токму аферата „Рекет“ стана олицетворение на „достигнувањата“ на нашата најпрестижна правосудна институција и на божемните „реформи“ во македонското правосудство.

Затоа, треба сѐ да излезе на виделина. Вклучувајќи ја тука и вистината за Спец Катица, за СЈО, за врските со осомничениот Бојан Јовановски, за фактот дека најмалку десеттина македонски бизнисмени сѐ уште молчат дека биле рекетирани и уценувани (ќе проговорат, џанам, порано или подоцна сѐ се дознава), а во крајна линија и за поврзаноста на оваа рекетарска група со телевизијата на осомничениот Бојан Јовановски, за скриената сопственост во тој медиум (таму има една приказна што би можела да го засегне и Заев) и за улогата на некои познати новинарски имиња во јавното легитимирање на целата рекетарска операција, пишува Героски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.