Зборувајќи за црвените линии и за бранењето на стратешки интереси Мицкоски направи споредба меѓу себе и Заев.

Кој може подобро да ги брани или застапува, јас кој едно пенкало не сум позајмил или Заев аболиран кој украде цела држава? Јас кој се школував овде и во центри во Европа, или Заев кој во тоа време создаваше клановска крими империја во Струмица и продава во Русија? Јас, кој работам според чест, принципи и вредности, или Заев кому свитканата кичма, лажењето и тапкањето по рамо му секојдневие. Се знае тука кој е изборот, рече Мицкоски.

Затоа, потенцира тој, власта на Заев преку ограничување на слободата, и со силно присуство и замешателство на државни полициски структури се создава лажен амбиент во кој бранењето на националите интереси треба да биде нешто што е погрешно.

Нивната цел е кога ќе се каже зборот патриот или Македонија, секој оној кој тоа го збори да се оцрни дека е квази патриот кој брани некаков криминал. А не е така, рече Мицкоски.

Стереотипните оцрнувања и ширењето лаги и лажни вести за опозицијата има само една цел, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Целта на власта, вели тој, е да ја деградира борбата на опозицијата, а на тој начин да го заштити својот криминал.

Тие сакаат да мислите дека сите сме извалкани со истата кал. Постојано да сте разочарани од политичарите со девизата „сите се исти“. А не сме исти. Дури ни целото СДСМ не се исти, туку се заглавени и киднапирани од триесетина души, на чело со Вице, Зоки, Рада, Путерот и Оли.

Мицкоски го повика народот да биде свесен за лагите кои ги пласира пропагандата на власта преку силен притисок за националните, општествените или економските прашања.

За онаа вештачка дебата на власта изразена во прашањето: „А, вие што направивте? А, каде бевте кога Заев ја продаваше Македонија?“ Еве, ќе ви кажам: Се боревме и ќе продолжиме да се бориме. Ете тоа е одговорот. А, нашиот интерес е да го зачуваме не само народот туку и државата. Тоа е иднината која мораме да ја обезбедиме,а ќе ја обезбедиме доколку постапуваме мудро на секое поле и да останеме национално освестени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.