Обвинителството чека пријава за да реагира за сомнителните набавки за Ковид кризата. Од таму денес рекоа дека внимателно ги следат информациите околу можни злоупотреби на буџетски пари во тендерите, објави ТВ 24.

Но нема конкретен одговор зошто ќе чекаат на полицијата и анткорупционерите кога имаат надлежности да реагираат.

„Обвинителството очекува институциите во чија надлежност е откривање на кривични дела да постапат согласно своите надлежности и до обвинителството да достават соодветен поднесок по кој обвинителството понатаму ќе преземе дејствија за расчистување на случаите“ се вели во одговорот на ЈОРСМ.

Во време на кризата како што вчера објави ТВ 24 тетовскиот Здравствен дом се подновил со опел кросовер, во кој освен додатоците поврзани со безбедноста се барале и кожен волан, вградени звучници и седум инчен екран на допир.

„Предмет на постапката за јавната набавка е набавка на стоки – Моторни возила за службите патронажа и вакцинација за потребите на установата“, пишува во тендерската документација за набавка на возилото.

Првиот човек на Здравствениот дом во Тетово најави писмено сооопштение за тоа дали автомобилот навистина се користи за намената за која е купен и зошто за луксуз се потрошиле над 20 илјади евра. Од Министерството за здравство се оградија бидејќи тендерите се обврска на секоја здравствена институција посебно и побараа да се истражи случајот. За наодите на ЦГК ќе расправаат наредната недела и анткорупционерите.

Во меѓувреме се чека на разврска и на констатацијата на Државниот ревизор дека буџетот е во минус 23 милиони евра поради тоа што фирмите кои земаа помош од државата за време на ковид пандемијата не ја вратиле.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.