Kако може луксузна вила во резиденцијалниот дел на Водно, на површина од 1.658 квадратни метри, со сопствен базен, претходно користена како резиденција на шведската амбасада во Македонија, проценета од банка на 1.4 милиони евра, да се продава за неверојатни 110.000 евра – поставува прашање порталот „Инфомакс“.

Во тектот на „Инфомакс“ се разгледуваат фактите и настаните кои довеле до ваквата нереална проценка на имот кој е во приватна сопственост.

 

Во текот на месеците октомври и ноември, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, донел одлука и издал наредба за изготвување на вештачење до Министерството за правда – Биро за судски вештачења, по чија наредба за вештачење овој објект од 1.658 квадратни метри и сопствен базен е проценет на вредност од 6.900.000 денари.

Како што пишува „Инфомакс“, за да биде „трагедијата“ поголема, Бирото за вештачење ја класифицира вилата на Водно како „стан“ како покритие за ниската проценета вредност. Но она што уште повеќе збунува, е што во 2017 година, истиот овој објект бил проценет на вредност од 1.3 милиони евра. Тоа значи дека од 1.3 милиони евра во 2017, истото владино тело ја проценува куќата на 110.000 евра.

Во продолжение од текстот, од „Инфомакс“ анализираат кои се можните причини за таквите различни проценки. како што велат, нелогично е еден в.д. директор да си ја ризикува својата слобода и кариера ако некој „поголем“ од него, не ја бара оваа услуга.
Услугата која се бара од в.д. директорот на Агнецијата за управување со одземен имот Фатон Асани, не е само во проценката, туку и во убрзувањето на постапката за ставање на објектот на лицитација, иако истиот овој објект е под управување на Агенцијата од 2008 година.

За да ја оправда ваквата одлука, Асани се повикува на пресуда од 2008 година, со која пак, Советот на Кривичниот суд, овој објект го ослободил од извршување, поточно од решение за обезбедување на имот, со што сопственикот на имотот можел слободно да располага.

Сепак, како што пишува „Инфомакс“ некој сака сега да го купи па оттука и притисоците и рекетот.

Кривична пријава

Против директорот на Агенцијата за управување со одземен имот веќе има поднесено и кривична пријава поради злоупотреба на службена должност и затоа што:

Фатон Асани како в.д. директор на Агенцијата за управување со одземен имот, сочинил и издал Решенија врз основа на кои отпочна конфискација на имот врз основа на пресуда, која пак не се однесува на имотот за кој е донесено решение за конфискација, односно, спроитвно на решение на Кривичниот суд носи решение кое е на штета на сопственикот на вилата, пишува „Инфомакс“.

Од поратлот додаваат дека за ситуацијата да биде уште посериозна, во кривичната пријава против Фатон Асани се наведени и низа други злоупотреби меѓу кои и бесправно управување со имот (деловен простор во ГТЦ) под обезбедување на Агенцијата, кој директорот си го издавал на продавница за чевли, иако како конфискуван имот истиот не смее да се користи.

 

 

 

Кој го штити Асани?

Од „Инфомакс“ поставуваат неколку прашања:

– Дали Коки Поки, е всушност Коста Костадинов?

– Дали Коки е заинтересиран да ја купи вилата за себе, или за некој друг?

– Од каде му се на Коки 1.3 милиони евра – односно, од каде му се 110.000 евра?

– Точно ли е дека еден бизнисмен од Куманово (дилер на автомобили) е заинтересиран за вилата?

На крај, од „Инфомакс“ велат дека ги имаат одговорите и доказите – писмени и мултимедијални.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.