Бугарска фашистичка војска, бугарски окупатор, несносен бугарски фашистички окупаторски режим и неговата денационализаторска политика на македонскиот народ.

Ова се само дел од написите на спомен обележјата од Втората Светска војна поставени во земјава, а посветени на убиства и насилства врз македонското население, сторени од тогашната бугарска власт во периодот од 1941 до 1944 година.

Премиерот Заев вчера најави, а денеска потврди дека 20 споменици се веќе променети, а останатите допрва ќе се менуваат, дообјаснувајќи ја новата формулација на текстот на спомениците.

Но, никој не знае на кои локации и кои се спомен обележјата, за кои премиерот зборува, а кои во текстот веќе имале променета формулација, објави телевизија 24. Од Владата за овие прашања ги упатиле до Министерстовото за култура. Оттаму пак велат дека за спомен обележјата се надлежни општините. Неколку градоначалници со кои контактиравме денеска, рекоа дека во нивните општини ниту имат променето споменици, ниту пак досега добиле некаков допис тоа да го прават. Кои се променетите споменици не знае ниту министерката за култура, Ирена Стефоска.

Стефоска, која по професија е историчар, нагласува дека лично одела да види во каква состојба се токму спомениците од Втората светска војна, оти, како што вели, тоа сеќавање мора да се негува за младите генерации да растат со вредностите на антифашизмот, како темел на македонската државност. Таа е убедена дека премиерот сакал да ја истурка земјата да оди напред, но, според неа, и покрај сите напори, тој не можел да и помогне на Бугарија.

Написите на спомениците од Втората светска војна во земјава се една од пречките за Бугарија да даде зелено светло за почеток на преговорите на земјава со Европоската унија. Премиерот Заев предизвика бура од реакции се вчерашното интервју за бугарската агенција БГНЕС, во кое, меѓу другото, рече дека формулациите на спомениците во Македонија ќе се менуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.