Каде било на планетата би било скандалозно, но во Македонија е сосема нормално: кога лидерот на СДСМ Зоран Заев пред неколку месеци јавно соопшти дека со своите дејствија попречил истрага за корумпираност на двајца функционери од неговата администрација, тој својот потег го објасни како „транспарентност и отвореност“.

„ТРАНСПАРЕНТНИОТ“ ПОПРЕЧУВАЧ НА ИСТРАГИ ЗАЕВ КАКО ДА НЕ ПОСТОИ ЗА ВИЛМА РУСКОСКА

По ова негово неверојатно и скандалозно признание Заев не беше повикан во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое го предводи Вилма Рускоска за да објасни што и зошто направил со цел попречување на истрагите „кои требало да завршат со затвор“, како што признава премиерот, кои биле блокирани лично од него.

Ова е транскриптот на разговорот и видеото од интервју за ТВ 24 со новинарот Младен Чадиковски во кое премиерот признава дека попречил истраги за корупција:

Чадиковски: „…министри или директори, тогаш не се изјаснивте конкретно, е поведена постапка преку финансиската полиција и преку другите истражни органи. Што се случи со тие двајца функционери? Кои се тие?“

Заев: „Разрешени се, не постојат веќе на функциите, затоа што веројатно со мојата транспарентност и коментар блокирав одредени истражни дејствија каде што сите се… зимаа… заштитни позиции и до крај не можеа да се докомплетираат истрагите. Намерата беше да одат во затвор ако се докомплетираат доказните постапки. Но, во најмала рака се разрешени тие директори. Директори беа.“

Чадиковски: „Значи, по ваша вина не се процесуираат до крај?“

Заев: „Поради транспарентноста и давањето одговори секој ден.“

Чадиковски: „А кои беа тие двајца што се разрешени?“

Заев: „Апсолутно сега не може да кажам, тоа значи дека ќе ги осомничам за криминал кој што бил само во делот на индиции. За мене индициите беа доволно да ги разрешам самите директори.“

И КОГА ВРШИ ПРИТИСОК ЗА ПРОМЕНА НА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СУД, ЗАЕВ ЗА ВИЛМА ОСТАНУВА „ОТВОРАЧОТ НА ПУПКАТА“

Вилма Рускоска не го повика Заев на разговор ниту по крајно сериозните индиции дека се обидувал да влијае на Судскиот совет во врска со разрешувањето на претседател на еден суд, односно за Јово Вангеловски од Врховниот суд, преку поранешниот министер за правда, а сегашен градоначалник на Сарај, Блерим Беџети.

Како што пред еден месец изјави Беџети на прес-конференција, Заев вршел притисок тој да влијае врз членови на Судскиот совет за промена на Вангеловски.

„Премиерот Зоран Заев вршеше притисок врз мене да влијаам на одредени членови на Судскиот совет за смена на еден претседател на суд. Ми се јави на 17 јули му се јавил и ми рече дека треба да помогнам да смени претседател на суд и таа работа треба да биде завршена до септември. Јас барањето на премиерот Заев го одбив и за две недели по тој повик се јави Антикорупциската комисија, која за мене е корумпирана комисија, и покрена постапка за мене. Сигурен сум дека ваквите дејствија на комисијата се последица на притисокот што го одбив да им кажувам на одредени членови како да гласаат“, рече Беџети.

Вилма Рускоска ниту ова јавно признание на поранешен министер за правда не го сметаше за доволна причина да го повика на разговор Заев и да постапи по индициите за сторено кривично дело. Врв на се е што претседателот на суд за чија смена вршел притисок Заев, Јово Вангеловски, беше сменет пред два дена.

НО, КОГА ИМА МОЖНОСТ ДА МУ СЕ НАШТЕТИ НА ВМРО-ДПМНЕ, РУСКОСКА РАБОТИ И ВО САБОТА

Но затоа пак, од обвинителството на Рускоска побрзаа да најават дека на разговор ќе го повикаат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој предочи дека „свиркачи“ до партијата доставиле искази, наредби и резултати од вештачења на мобилни телефони за случајот „Рекет“ најавувајќи дека доколку Рускоска се обидува да заштити некого, истите ќе бидат објавени.

„Поседување на изјави од предистрага и наредби од истрага е кривично дело бидејќи оној што ги дал тие документи не е свиркач туку прави кривично дело. Многу е веројатно дека Обвинителството за гонење на организиран Криминал и корупција ќе го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да објасни како ги добил овие документи“, велат од обвинителството предводено од Вилма Рускоска за ТВ Телма.

Она што е многу поголем проблем во Република Македонија е немањето одговор на прашањето „Кој да го гони оној кој треба да гони криминал, кога самиот ќе направи криминал?“. Односно, кој може да донесе и гарантира правда, ако институциите задолжени за правдата се корумпирани?

ЛА ВЕРИТА „ЈА ПРОМЕНИ ИГРАТА“: КОЈ ЌЕ ГО ГОНИ КОРУМПИРАНИОТ ОБВИНИТЕЛ?

Во светло на овие прашања, уште неколку факти: кривично дело е и непостапување по индиции за криминал, како што е непостапувањето по признанието за попречување истраги од страна на Заев и непостапувањето по притисокот за разрешување на претседател на Врховен суд, за што јавно сведочеше поранешниот министер за правда Блерим Беџети. Кривично дело е и непостапувањето по силните индиции и цврсти докази за незаконско, нестручно и несовесно работење на осомничената обвинителка Катица Јанева на која Рускоска и даде 30-тина дена во кои Јанева губеше телефони, наредуваше форматирање на лаптопи, претреси на обвинители… Впечатокот беше дека Рускоска никако не сака да ја уапси Јанева, односно дека нема таква „наредба од погоре“.

По апсењето на Боки 13 и Зоран Милески, Рускоска на 21-ви јули 2019-та година во емисијата „КОД“ изјави дека Јанева не би бегала од државата бидејќи имала семејство, внуци, па затоа не побарала притвор. Притворот дојде дури откако во италијанскиот медиум „Ла Верита“ се објавија видео снимки и разговори во кои се слуша како Јанева во координација со Боки 13 го рекетира бизнисменот Орце Камчев, злоупотребувајќи ја својата позиција како специјален јавен обвинител.

Овие докази Рускоска ги имала со месеци, но не постапувала по нив. Апсењето и притворот на Јанева дојде дури по притисокот од јавноста и неофицијално, одредени дипломатски центри, кои на почетокот на август 2019-та година имаа прилика јавно да се уверат во она што Рускоска со месеци го знаела, но не преземала ништо кон Јанева.

Додека сме кај Јанева, кривично дело е и кршење на Законот за јавни обвинители и непостапување по истиот. Имено, Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески според член 60 од Законот за јавно обвинителство имаше должност да ја оддалечи Катица Јанева од функцијата Јавен обвинител, бидејќи истата влезе во притвор како осомничена. Јовески не само што не го стори тоа, туку и ги уважи наредбите кои од Шутка наводно ги испрати Јанева, иако со самиот престој во притвор, Јанева не смее да делува како обвинител, според законот.

НА ЗАЕВ ВИЛМА МУ ПРЕЧЕЛА ПРЕД 5 ГОДИНИ, НО ДЕНЕС МУ Е СУПЕР

Интересно е и јавното признание на премиерот Заев за неговиот однос кон Вилма Рускоска. Имено, Заев јавно призна дека „пред 5,7,9 години“ Рускоска „не му чинела“ како обвинител.

Прашање е што се променило, па обвинителот кој не му чинел, односно според него незаконски и несовесно си ја вршел својата работа пред неколку години, денес заслужува да го води „новото СЈО“, како што неодамна најави Заев?

„СЈО како структура се интегрира во досегашното Обвинителство за гонење органзииран криминал и добива нов назив, ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција. Ќе биде водено од обвинителката Вилма Рускоска“, изјави неодамна Заев.

Чудно е како обвинител кој „не му чинел“ го фаворизира за да раководи со институцијата која ја раководеше Катица Јанева. Еве каков беше ставот на Заев за другите обвинители кои „не му чинат“, како на пример поранешниот републички јавен обвинител Марко Зврлевски:

Заев бараше оставка од Зврлевски бидејќи „не му чинел“, а Рускоска која порано „не му чинела“ сега предлага да се унапреди во „нова Катица“. Прашање е што се променило – начинот на кој Заев ги вреднува обвинителите или пак, однесувањето на Рускоска?

Хипотетички, доколку Мицкоски е премиер кој јавно признава дека попречил истраги за корупција на директори од неговата администрација, или доколку Блерим Беџети каже дека Мицкоски барал од него да влијае кон разрешување на претседател на Врховен суд, и Рускоска не преземе ништо, каков ќе беше ставот на Заев? Одговорот го знаат сите. Единствениот логичен заклучок е дека Рускоска денес е добра за Заев, бидејќи замижува пред сите индиции и признанија за негов криминал, а срдечно ги гони неговите политички противници од ВМРО-ДПМНЕ.

НА ЗАЕВ МУ ЧИНЕШЕ И КАТИЦА ПРЕД ДА СЕ ПОЈАВАТ БОМБИТЕ ВО ЛА ВЕРИТА, ИАКО ЗНАЕЛ ЗА НИВ СО МЕСЕЦИ

Премиерот Зоран Заев уште во април знаел дека Катица Јанева е вмешана во рекетирањето на бизнисменот Орце Камчев, но сепак се до нејзиното апсење јавно ја поддржуваше и ја фалеше како личност со високи човечки вредности и борец за правда.

Особено индикативна е неговата изјава од 17-ти јули 2019 година, два дена по апсењето на Боки 13 и Зоран Милески, во која Заев изјавува дека „стои зад Јанева се додека не се докаже дека е инволвирана“ во случајот „Рекет“, иако како што признава во интервју за последниот број на Фокус (06.09.2019) уште во текот на изборната кампања за претседателските избори, во април 2019 година, гледал и слушал разговори кои му ги презентирал рекетираниот бизнисмен Камчев.

Но, откако целата јавност на почетокот на август 2019-та благодарение на написите на „суетниот Героски“ и „Ла Верита“ дозна за врската меѓу Боки Тредичи, Катица Јанева и политичари од врвот на власта, Заев се откажа од Јанева. И за нејзин наследник ја предложи Вилма Рускоска.

Причините, веројатно на сите им се веќе јасни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.