Народот не верува во скапите реклами на власта каде убаво се живее, туку во тоа дека се соочува со апатија и тежок живот. И затоа нам ни треба нова иднина. И ова го правам цврсто верувајќи во она за што се борам. И покрај се, „ние нема да пиеме од горчливоста и омразата, за да ја смириме нашата жед за слобода. Нашата борба мораме постојано да ја водиме на нивото на достоинството и дисциплината“. Нашата борба не треба да биде само континуитет на идеите и идеалите кои ги црпиме од големите имиња од нашата историја.

Енергијата за нашата борба и мотивот за новата иднина е пред се поради тивките, но големи херои кои се покрај нас. Покрај нас на тезгите по пазарите, на работниците по скелињата, возачите на камионите, докторите по ординациите, земјоделците на нивните, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој вечерва од Долни Сарај во Охрид се обрати по повод празникот 23-ти Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба.

Малечката Надица која ја запознав на пазарот во Ново Село пред некој ден продаваше пиперки кои што нејзиниот татко ги има произведено од малото парче земја кое му е наследство од неговиот татко. Таа наместо на училиште беше на тезгата, која за среќа ја грееше есенското сонце, а мразовите сеуште не беа присутни. Надица до нејзе, покрај градинарските производи кои им ги нудеше на луѓето имаше и учебник за да повремено прочита нешто додека токму тој ден му помагаше на семејството. Си велам какво само тешко време носи ова девојче на нејзините плеќи. Колку само тоа е голема неправда за овој млад човек. Но она што ми дава мотив е што Надица одбрала да се бори со книгата покрај нејзе, и покрај тешката судбина на нејзиното семејство. Кога таа се бори против таква неправда, па ние ли сега да се откажеме. Таа е мојот мотив, мојот херој поради кој верувам во новата иднина.

 

Пред еден месец го запознав Димитар тука во Охрид, млад човек со силен ентузијазам, но невработен зошто за неговата струка нема место на местата каде се вработуваат роднините, ќерките и синчињата на функционерите од власта. Димитар се образувал, инвестирал во себе, но иднината и сонот му се одземени поради лукративноста, егоизмот на луѓето од власта кои наместо квалитет ценат партиска книшка и роднинска припадност. Но Димитар не престана да сонува, и овие денови разбрав дека отпатувал во Шведска каде нашол пристојна работа. Среќен сум поради Димитар, но тажен поради тоа што губиме уште еден млад човек кој требаше да го задржиме тука. Тој ќе има добра иднина таму некаде во странство, но ние како држава губиме млад талент, млад човек. И на крај кога некој ќе ме праша дали сето ова вреди, овие наши борби, говори укажувања?

 

Ќе кажам кусо, што е нашата жртва за жртвата која ја даваат Димитар и Надица, или такви десетици, стотици, илјадници нечујни херои. Што е нашиот влог да заокружиме зад параванот во името на овие херои и да ја зграбиме шансата која ни е на дофат. Што е нашиот чекор за нивната жртва. Колку ние треба да направиме малку во споредба со тоа колку тие прават многу. Ние тоа им го должиме нив, на тивките херои во оваа наша земја. Затоа размислете добро. 31 октомври е денот кога одлучуваме за иднината, и за тоа дали сакаме да ставиме крај на минатото, појасни Мицкоски.

Тој посочи дека е потребно само да веруваме.

Мартин Лутер велеше со оваа вера ќе бидам способен од планината на очајот да издлетам камен на надежта. Со оваа вера ќе бидеме способни да лошите звуци во нашата нација ги измениме во една прекрасна симфонија на братството. Ќе успееме само кога ќе ги редефинираме работите кои како тег не влечеле надоле. Новата иднина е и во новиот заеднички патриотизам кој не обединува. Новиот патриотизам не се само зборови, туку концепт за разбирање на работите. Новиот патриотизам во кој верувам се новите инвестиции и фабрики за кои ќе се борам, новите патишта кои мораме да ги изградиме, новите работни места кои му ги должиме на Димитар. Новиот патриотизам во кој верувам е новото заедништво кое мораме да го покажеме, новото рушење на ѕидовите кои не раздвојуваат. Оваа држава е на сите луѓе, а сите ние имаме премали разлики споредено со работите кои не обединуваат. Новиот патриотизам во кој верувам подразбира здравство кое ќе е достапно за секој еден човек, образование кое ќе биде најголемиот ветар во грбот на малата Надица за која ви говорев. Новиот заеднички патриотизам е членството во Европската Унија, Париз, Брисел, Рим, Берлин на дофат на нашите деца, но и стандард тука како во Австрија, како во Германија. Тоа нема да се случи преку ноќ, но мора да почнеме од некаде, мора да ги отсонуваме нашите цели, да ги направиме реални, дециден е тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека новиот патриотизам е да се дебатира за тоа колку ќе го подобриме животот, а не за тоа од која етничка заедница е некој функционер. Тоа е небитно вели тој кога сите ние ги имаме истите проблеми, истите маки. Поентата е колку заеднички проблеми ќе решиме, а не колку нови ќе создадеме.

Новиот патриотизам е да и служиме на нашата држава, политичарите да се слуги на народот и да не заборавиме од каде почнавме, и дека народот е главен во оваа земја. Новиот патриотизам во кој цврсто верувам е нашата Македонија, со силен р бет и челична волја за победи и успеси. Заедничка мајка на сите наши судбински скокови разочарувања и успеси. Ова е мојот сон, мојот концепт, ова е новата заедничка иднина, додаде Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.