Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, не се повлекува пред “баражниот оган” од провладини активисти и новинари кои го обвинија дела лаже за опасноста од укинување на македонските катедри на Филолошкиот факултет “Блаже Конески” во Скопје.

Со предложена програма структурата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” е предвидено 11 катедри да се заменат со нова структура од пет отсеци, а со тие измени иднината на македонски катедри станува неизвесна, вели претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Љупчо Коцарев за  Вечер прес.

Тој деновиве предупреди на можноста од укинување на катедрите по македонски јазик и македонска книжевност на Филолошкиот факултет затоа што со новата структура нема Катедра за македонски јазик и книжевност како централна, матична катедра, што предизвика лавина реакции во јавноста.

Раководителката на Катедрата по македонски јазик, Искра Пановска-Димкова, ги демантираше таквите тврдења и рече дека нема најава за таква реформа.

-Го поддржувам ставот на професорите од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, според кој не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Покрај тоа, ги охрабрувам во иднина цврсто да се држат до тој став, особено затоа што програма за работата на деканот на факултетот, во период од 15 септември 2020 година до 14 септември 2023 година, не е во согласност со ставот на катедрата. Според програмата, структурата на факултетот од 11 катедри се заменува со нова структура од пет отсеци, а иднината на македонски катедри станува неизвесна, вели Коцарев за случајот во кој владини луѓе го напаѓаат од сите орудија.

 

Силни реакции, не само во академската јавност предизвика откако првиот човек на највисоката научно-образовна институции напиша:

„Последниот удар, во името на Конески, во годината во чест на Конески, што се подготвува да се направи на Филолошки факултет, кој го носи името на Блаже Конески, се „реформите“ на факултетот со кои престануваат да постојат катедрите по македонскиот јазик и македонската книжевност. УКИМ, МАНУ и други институции се формирани заради македонскиот јазик и македонската книжевност. Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, а тоа го знаат подобро тие што се многу повеќе упатени од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци низ светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам. Се брише сè што носи македонско име, се урива македонистиката на Филолошкиот факултет. Темелникот на македонската државотворност”.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.