Одбележувањето на големиот јубилеј – 30 годишнината од независноста на државата и 80 години од македонската антифашистичката борба се повод, уште еднаш да се навратиме на цивилизациските придобивки на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската наука и на македонската уметност, коишто опстојуваат на овие простори, во и надвор од денешните граници повеќе од илјада години. Ова го порача во поздравното обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев.

– Во својата историја македонскиот народ бил главно под четири господари: над четири и пол века под Византијаа, близу еден век под Бугарија, близу еден век под Србија и пет и пол века под Отоманската Империја. Денес сите тие империи, царства и кралства се распаднати и исчезнати, а она што е останато во времето и просторот се македонското духовно и материјално наследство. Значи повеќе од илјада години ние Македонците сме се спротивставувале и се спротивставуваме на исчезнувањето со она што најнеуништиво, со својот збор, со својот уметнички и научен дух, насекаде каде што живееле и живеат Македонци, порача Коцарев. Радоста, гордоста и спокојот, нагласи Коцарев, за тридецениската независност не произлегуваат од политичките околности, кои не се добри.

 

– Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси што денес заеднички ги славиме. Радоста, гордоста и спокојот произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што следат, изјави Коцарев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.