Ја повикуваме Европската Унија (ЕУ) и нејзините земји-членки како Германија, Франција и Холандија, ургентно да донесат тим на судии и обвинители кои уште еднаш ќе ги отвораат „сите монтирани политички процеси”, бидејќи граѓаните мора да почнат да веруваат во институциите што делат правда, истакна на денешната прес-конференција претседателот на Алијансата за Албанците (АА), Зијадин Села.

– Да се отворат сите монтирани политички случаи, почнувајќи од „Монструм”, „Алфа”, па сè до „27 април”. Но, да се отворат и сите предмети од осамостојувањето на Република Македонија за кои има политичка амнестија, за сите корумпирани политичари да одговараат и да завршат таму каде што треба.Тоа е единствен начин како ние треба да почнеме да градиме правна држава. Нè водат и со нас владеат лажговци, а не одговорни политичари. Вчерашната одлука беше скандалозна и втора епизода на монтираниот политички процес „Монструм”, рече Села.

Тој изјави дека премиерот Зоран Заев тврдел оти „невини луѓе лежат во затвор во врска со Монструм” и дека вистината за случајот е многу болна.

 

– Заев ветуваше за некакви сценарија кога ќе биде објавена таа вистина, бидејќи тоа би довело до влошување на меѓуетничките односи, толку голем бил скандалот. Заев денеска преку прес-конференции ни зборува дека не треба да се мешаме во судски одлуки. А, и вчерашната беше една судска одлука. Тој треба да излезе и да ја каже вистината. Треба да има предвид дека се работи за чувства, чувства на родителите кои ги изгубија нивните најмили, а, исто така, и за чувства на родителите и децата што треба невини и доживотно да бидат во затвор. Тој треба да даде оставка, бидејќи зема поддршка и гласови од Албанците со ветувањето дека ќе се обелодени „Монструм”, со ветувањето дека најпосле ние ќе имаме правна држава, дека ќе почне да функционираат работите како што треба. Дали имаме правна држава денеска? – Сите граѓани нека се запрашаат. Не, немаме. Туку имаме здружување на поранешните противници во една криминална група во власта, истакна Села.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.