Европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, во вечерашното интервју за ТВ Сител, посочи дека двете држави треба да се вратат на преговарачката маса и треба да се искористат сите можности за да се воспостави довербата.

„Тоа е најдобриот начин Договорот од 2017 година да се исполни. Гледам дека има огромни напори од двете страни, и од Скопје и од Софија, за да се стават на маса отворените прашања и да се најде нивно решение што ќе даде сериозна основа за да започне Првата меѓувладина конференција, вели Ќучук.

Тој вели дека Бугарија уште е во процес на формирање влада, има четири политички сили кои заседаваат и оти се очекува во најкус рок, да излезат со заклучоци и да направат влада.

„Не може Бугарија и Cеверна Македонија кои се две најблиски држави да не најдат пат кон ЕУ. Да имаат заеднички активности во различни дејности, да започнеме од образованието, културата, инфраструктурните прокети, да поминеме на дигитализацијата и можностите кои ни ги дава ЕУ со зелената трансформација. Тоа се теми кои треба да бидат дел од разговорите во иднината“,порача Ќучук.

Темата за историјата, наведе, требало одамна да биде оставена на историчарите, бидејќи историските прашања не може да бидат надминати во рок од неколку месеци или неколку години.

„Заедно со овие историски прашања ние треба да мислиме и за иднината, за перспективата која треба да дојде и од економскиот развој и од човечките права. ЕУ ги негува сите демократски стандарди, а тоа вклучува човечки права и правата на малцинствата. Да бидеме искрени едни со други, да ги смириме стравовите на двете страни, тоа се однесува и за Скопје и за Софија. Само така може да има доверба. Ние имаме силна потреба да се вратиме во зоната на довербата, да го преиспитаме она што ни се случувало во минатото, но со една единствена идеја да тргнеме кон иднината која треба да не води кон ЕУ. Јас сметам и уверен сум дека нерешавањето на билатералниот спор меѓу Бугарија и Македонија го успорува целиот Западен Балкан“, рече Ќучук.

Најавува дека наредниот извештај ќе ги одразува и позитивните тендензии, но и проблемите во земјата. Но, како што потенцира, за да има политички развој и тоа да се оценува од ЕУ, треба стабилна политичка ситуација и во Македонија и во Бугарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.