Неодамна во Собранието се донесени преостанатите четири закони од областа за управување со отпад – Законот за управување со отпад, Законот за управување со пакување и отпад од пакување, Законот за управување со дополнителни текови на отпад и Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебни текови на отпад. Со ова се заокружи легислативната неопходна за европеизирање на управувањето со отпад, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата.

Со претходно донесените Закон за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, како што посочи, се обезбедуваат сите предуслови за еден модерен функционален систем за управување со отпад кој конечно ќе биде имплементиран соодветно и во пракса во нашата земја.

Во подготовката, дополни премиерот, беа вклучени меѓународни и локални експерти, а за процесот се погрижиле да биде инклузивен, односно да ги вклучи општините, операторите со отпад и комуналните претпријатија, граѓанските организации и граѓаните.

Целта ни беше да создадеме систем кој ќе ги опфати потребите на сите, и истовремено ќе ги опфати високите стандарди за заштита на животната средина. Веќе го чекориме патот кон поодржлив пристап кон управувањето со отпад и секундарните суровини и ресурси, посочи Заев.

Со законската основа, вели тој, сега е обезбедено целосно спроведување на Националниот план за управување со отпад 2021-2031. Овој план, надоврзан на квалитетната законска рамка го дефинира управувањето со отпад и користењето на ресурси за истиот.

Целта на донесената легислатива и на Планот е да се развијат и спроведат современи системи за собирање и третман на отпадот во согласност со хиерархијата за отпад. Ги создадовме со намера да се постигне еколошка безбедност, преработка, отстранување на отпадот со економски придобивки, а на начин кој е најдобро приспособен на состојбите во нашата земја, кажа Заев.

Македонија, додаде, како земја кандидат за членство во ЕУ потребно е да ги примени сите европски стандарди и најдобри практики, како и да се усогласи со европското законодавство и во оваа област на управување со отпад.

Управувањето со отпадот согласно пропишаните стандарди од ЕУ не само што ќе придонесе за подобра животна средина, туку и за заштита на здравјето на луѓето и ќе обезбеди имплементација на принципите на циркуларната економија во земјата. Законската рамка и Националниот план 2021-2031 детално го уредуваат собирањето, транспортот, селектирањето, рециклирањето, како и неговиот третман и искористување со што ќе се овозможи создавање регионален систем за управување со отпад со што ќе се исполнат барањата согласно ЕУ законодавството и европската зелена агенда која ја прифативме и како наша, рече Заев.

Министерството за животна средина, посочи министерот Насер Нуредини, изминатите две години работеше на реформа на законодавството во областа на управување со отпад, со што конечно се донесоа шесте закони насочени кон циркуларна економија, селекција и управување со отпад.

Клучна компонента е новата хиерархија на отпадот, со што се зголемува ефикасноста во управувањето со отпадот. Приоритет, тука ќе има намалувањето на отпадот и негово користење за енергија, а последно е неговото депонирање, појасни Нуредини.

Втората или проширена одговорност, нагласи Нуредини, е насочена кон производителите на отпад, што подразбира дека за секое правно лице што прво пушта одреден продукт на пазарот, предвидени се финансиски обврски и наплата за третман на нивните производи со секторот на рециклирање.

Она со што граѓаните најмногу се соочуваат на секојдневно ниво, е пластичното пакување. Покрај построгата регулација на дизајнот на пластичните пакување согласно ЕУ, предвидовме и забрана на пластични кеси, кое ќе стапи на сила од 1 декември и дозволена продажба само на биоразградливи кеси за кои се наплатува надоместок од 15 денари за специјален фонд за животна средина, изјави Нуредини.

Идејата, како што појасни во одговор на новинарско прашање, е од 1 декември да не употребиме пластика за еднократна употреба во угостителство во заштитени зони – тоа значи Пелисер, Маврово, Шар Планина, итн.

Одговарајќи на новинарско прашање, Нуредини нагласи дека идејата е како Влада да ги поддржат општините и да создадат инфраструктура за менаџирање на отпадот.

Идејата за цената на пластичните кеси е за да се намали употребата на пластиката. Фондот што ќе се создаде од овие 15 денари за секое купување на пластично кесе ќе отиде на посебен фонд којшто ќе се инвестира во животната средина, но и ќе се инвестира во совеста на граѓаните како да менаџираме со отпадот во нашата држава. Идејата е тој што загадува тој и да плати, и на тој начин производителите коишто ќе донесат производи во нашата држава треба да контрибуираат и во тоа и со ова ќе се натера да придонесат за инфраструктурата со различни контејнери во нашата држава каде што ние како граѓани ќе ги селектираме отпадите и со ова ќе креираме систем којшто самите граѓани ќе го селектираат отпадот, појасни Нуредини.

Во однос на регионалните депонии, министерот кажа дека како Влада се решени и развиваат стратегија за целата држава, поточно за Северниот регион.

Ние сме во тек на формирање од Буџетот на нашата држава, таму ќе почне во наредните месеци тендерот за изградба на централна депонија близу Свети Николе со шест пункта, камионите се однесени кај општините, како и контејнерите. За Скопје, како што знаете „Дрисла“ треба да се рехабилитира. Во програмата е предвидено да се рехабилитира депонијата „Дрисла“. Што се однесува до Полошкиот регион, Русино е во тек на рехабилитација. Досега се направи отпадните води да не излегуваат надвор од депониите и да се изгради патот и да се мери колку отпади влегуваат таму. Исто така ќе создадеме два други региони, еден заедно со Пелагонија, а Вардарскиот регион ќе има одредена депонија и истото ќе се инвестира во трафостаници. Исто така ќе купиме камиони и контејнери. Во процедура сме со банката ИВРД, поднесовме барање за 55 милиони евра за да се финансира ова. Значи, ќе почнеме со Полог и со другите четири региони на југ. Во Полог е веќе подготвено бидејќи програмата беше покриена од швајцарската Влада. И со затворање на илегалните депонии и изградбата на централната депонија блиску Свети Николе, заклучи Нуредини. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.