Драган Павловиќ Латас во својата колумна објавена денеска пишува дека најмногу боли кога некој ќе биде удрен од сопствен камен, а сопред пишувањата на Латас, Заев и неговите соработници се соочуваат со лавина од камења кои до скоро ги фрлале врз медиумите и опозицијата. Тој во своето пишување истакнува дека врвот на владата и на СДСМ вреска: „Ќе тужиме, сите ќе ве тужиме“! Но истакнува дека власта сепак нема да го тужи Бојан Јовановски: „Не, нема да го тужат Боки 13 а ни Катица Јанева, тие се нивни луѓе, ќе го тужат тој што објавил документи со фундаментално нови сознанија од Рекет. Со нивни имиња“, стои во колумната на Драган Павловиќ Латас.

Најмногу боли кога некој ќе биде удрен од сопствен камен, а каменот од блиску доаѓа што би рекол Муса Џафери во еден јавно објавен телефонски разговор. Зоран Заев и СДСМ, како и неговите изврштели во обвинителството, СЈО и некои судии се соочуваат со лавина од камења кои до скоро ги фрлале врз медиумите и опозицијата.

Од 9 февруари 2015 година кога Заев и СДСМ почнаа со јавното објавување туѓи и непотврдени телефонски разговори за политички потреби на СДСМ тоа кривично дело за нив беше јавен интерес во полза на демократијата. Тогашниот државен јавен обвинител Зврлевски писмено побара од медиумите да не се објавуваат тие непотврдени туѓи телефонски разговори, но медиумите блиску до СДСМ, како и Заев и самата партија, не го почитуваа тоа. Насетија крв, и како сите хиени чекаа жртвата да падне а тие, потоа, кога е немоќна животински да ја искасапат.

За жртвата да биде немоќна се погрижи СЈО. Во дваесетина кривични процеси пред суд обвини педесетина функционери на сегашната опозиција, новинари и бизнисмени. Практично секој што има влијание и може да му застане на патот на СДСМ до власт без победа на избори – беше обвинет. А кон тоа, уште над стотина други беа под истраги, сослушувања, јавни пораки дека се следните за апсење. Терор со јавно понижување, прогон, судење од улица на секој што Заев и СДСМ го одбраа за цел. Сите го гледавме тоа. Некои уживаа, други ќутеа а стотици луѓе страдаа.

И еве, сега дознаваме дека СЈО ги гонеле за потреби на СДСМ кој потоа СЈО го частел и покривал со вработувања на роднини, хонорари без основ… за да рекетираат богати бизнисмени кои СЈО божем ги гони, а ги гони додека не платат. Потоа, СЈО ги ослободува. Кој имал, платил и се спасувал, кој немал е гонет и служи за залажување на јавноста дека нешто сериозно се случува.

Прво пукна видео снимката во која Боки 13 добива рекет од Орце Камчев. Видовме и слушнавме, од Боки 13, дека во рекетот имал покритие и интерес од Катица Јанева но, според зборовите на Боки 13 а не наши, за рекетот знаеле и го покривале премиерот Зоран Заев и неговиот советник Зоран Башановиќ. Од Боки 13 слушнавме дека рекет платил Жарко Луковски, поранешен директор на Телеком.

Од Боки 13 дознавме дека во неговата невладина организација која рекетирала и вршела измами раководни лица биле пратеници на СДСМ како Ременска, Кирацовски и малиот струмичанец Костадин Костадинов, десната рака на Зоран Заев. Од Боки 13 дознавме дека кај него на вечера се Радмила Шекринска заедно со Катица Јанева, а дека сопругот на Шекеринска оди на гости кај Орце Камчев, лице кое е во куќен притвор, и според пријавата разговараат – и за рекетарите.

Никој од прозваните не го тужи Боки 13 за клевета и за злоупотреба на нивното име за измама, рекет и лични профитни цели. Да не го налутат па да прозбори.

Сега, кога уредникот на Инфомакс објави документ, пријавата на Орце Камчев дека е рекетиран сите спомнати во пријавата, на чело со премиерот Зоран Заев, како попарени се кренаа и најавија дека ќе го тужат за клевета. Државниот јавен обвинител Јовевски дури се закани со кривично гонење! Тој докумнет бил против пресумција на невиност! А снимање осомничени со лисици на раце не е прекршување на пресумција на невиност, пишува Латас.

Повеќе на Вечер.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.