Гералд Кнаус, еден од водечките поддржувачи на Зоран Заев во европските кругови, излегува со нова иницијатива – поддршка балканско гето, односно балканска економска унија без загарантиран влез на нејзините членки во Европската Унија, но сетоа тоа спакувано во убаво име – „Балканска Норвешка“.

Кнаус е директор на организацијата ЕСИ (Европска иницијатива за стабилност) која промовира отворање на европските граници за засилена миграција, додека на Балканот генерално ги поддржува лево ориентираните влади. По превземањето на власта од страна на СДСМ, Кнаус беше чест гостин во Скопје, или домаќин на Заев и неговите претставници низ Европа, а според новинската агенција В4 тој одиграл важна улога при подготовката на Преспанскиот договор.

Уште пред да биде извесен негативниот исход од Европскиот Совет, Кнаус излезе со својата иницијатива, и јавно повикува други коментатори и аналитичари поврзани со Балканот да го поддржат.

– НОРВЕШКА НА БАЛКАНИТЕ: како ЕУ може да изгради ефективна балканска политика. Од 2003 година политиката на ЕУ кон Балканот беш да обезбеди ЕУ перспектива за регионот доколку земјите прифатат демократија, владеење на правото, и се оттргнат од смртоносните племенски инстинкти од 1990ите години. Оваа политика успеваше добро – имаше војни во околината на ЕУ, но не на Балканот. ЕУ перспективата имаше моќ да инспирира мирни промени, демократски реформи, помирување со соседите, како што видовме во „Северна“ Македонија по 2016 година. Но, настрана „Северна“ Македонија, Франција е во право. Процесот е растурен. Турција почна преговори во 2005 година, но тоа не го зголеми влијанието на ЕУ таму. Србија почна преговори во 2014 година, а по пет години преговори Европската Комисија утврди дека земјата се уште е зад Македонија. Да, Македонија заслужува да го почне процесот, но исто така точно е дека процесот не води до вистински промени. Оттаму, Франција постави вистинско прашање, пишува Кнаус.

Неговиот одговор кон вака констатираните слабости во процесот на проширување на ЕУ е да се даде поинаква перспектива за балканските земји. Предлогот наликува многу на тоа што Заев неодамна го претстави како „Мал Шенген“ при средбата со лидерите на Албанија и Србија во Нови Сад. Кнаус предлага вниманието да се посвети на заедничкиот балкански пазар и на реформирање на балканските земји. Македонија, Албанија, Босна, Србија, Црна Гора и Косово би добиле членство во „Економската зона на Југоисточна Европа“ која би имала однос кон Европската унија каков што сега има Норвешка – без членство, но со пристап до пазарот.

Ова не би значело членство во ЕУ, но ќе биде клучно за економијата, за животната средина, за јавните набавки. Ова е позитивно за Норвешка и ќе биде добро и за Балканот и ќе носи повеќе средства за најдобрите членки, вели Кнаус во низа коментари објавени на Твитер.

Според него, ваквиот пристап би можел да ја добие поддршката на Франција и би ставил крај на отворањето на поглавјата за членство според сегашниот пристап.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.