Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната средба со новинарите ја најави утрешната прва пленарна седница за пратенички прашања по изминувањето на 100 дена од изборот на новата Влада на премиерот Зоран Заев.
Седницата ќе се одвива според вообичаената процедура за седници за пратенички прашања, а предност ќе имаат пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Левица. Секое трето прашање на седницата, која ќе започне во 11 часот, ќе биде од пратениците од владејачкото мнозинство од СДСМ и ДУИ.
Џафери во оценката за работата на Собранието во изминатата година во крајно специфични услови поради пандемијата на Ковид-19, рече дека она што било најбитно е реализирано, оти и покрај потешкотиите Собранието беше функционално, а најмногу оваа ситуација се одрази на работата на медиумите и известувањето од парламентарните активности поради спроведувањето на мерките за Ковид-19 и не дозволувањето на просторот за присуство на новинарски екипи на седниците на комисиите. Но, тој изрази надеж дека во 2021 година ќе се надмине оваа ситуација, прво, поради евентуалното намалување на бројот на заболени и можностите за пристигнување на вакцина во земјата во првите месеци од следната година, а како второ, најави надградување на веб страната на Собранието и технички предуслови седниците од комисиите да се пренесуваат на новата веб страна во посебни прозорчиња. Сепак, предупреди дека поради спроведувањето на јавните набавки, процедурата би траела повеќе месеци. Средствата за оваа намена се од проектот со Швајцарија.
-Вкупната дисциплина во Собранието, како на пратениците, така на службениците, придонесе за функционалност на Собранието. Сите што досега беа заболени ги надминаа последици, освен еден вработен од Секторот за преведување, кој почина, рече претседателот на Парламентот.
За новиот закон за попис, рече дека ги исполнува условите за спроведување на оваа статистичка операција. Зависи од пратениците дали ќе поднесат амандмани, а самото спроведување на пописот зависи од практичната работа на терен и како надлежните институции ќе го спроведат. Законот за попис, се очекува на седница да биде ставен по 18 јануари.
По новогодишните и божикните празници, Собранието ќе започне со работа на 11 јануари со седници што не се завршени, а нова седница ќе биде закажана за 18 јануари

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.