Министерот за локална самоуправа Горан Милески, кој годинава како кандидат на ДОМ и ЛДП во движењето „Одлучно за промени“ го бараше гласот на битолчани за градоначалнички мандат, заврши како третопласиран на вчерашните избори. Партијата на Милески, коалиционен партнер на СДСМ, одлучи да дејствува заедно со ДОМ, а не со „големиот партнер“ на локалните избори, па за Милески вчера гласаа 3.336 битолчани.
Според резултатите од веб-страницата на Државната изборна комисија, во Општина Битола победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски со освоени 19.532 гласа односно 42,83% од гласовите, додека второпласиран е Христо Кондовски од СДСМ, кој освои скоро 2.000 гласа помалку (17.891 гласа, односно 39,23%).
Лидерот на СДСМ Зоран Заев доцна синоќа рече дека очекуваат поддшка од сите коалициони партнери во вториот круг на изборите, и дека победничките резултати ќе бидат обезбедени „со сите наши капацитети“, што значи дека е сигурен дека и Милески ќе го поддржи Кондовски во вториот круг.
Коалициските капацитети се сериозни, граѓаните доминантно во мнозинство се за прогрес. Огромна е нашата коалиција. Ја обединуваме целата владина коалиција, прогресивниот глас се обединува за вториот круг и влегува во борба за она што со труд, пот и крв го обезбедивме заедно со народот за оваа наша земја. Прогресот се обединува за да ја обезбеди иднината на татковината. За таа цел, за да ја зачуваме безбедна и сигурна македонската иднина ги повикувам сите наши поддржувачи и тие што денеска останаа дома да излезат и да гласаат за Најдоброто за нашиот народ и нашата држава, истакна лидерот на СДСМ.
И Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ синоќа изјави дека ја очекуваат поддршката од Милевски, претседателот на ЛДП за пресврт во вториот круг.
Но, за време на јавните настапи и самиот Милевски и сите кандидати на коалицијата „Одлучно за промени“ јасно го покажуваа нивното незадоволство од работата на владината коалиција.
Дали тоа било само шминка и политичка игра, ќе се покаже во наредните денови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.