Државниот завод за статистика вчера го објави јавниот конкурс за ангажирање реонски попишувачи и реонски инструктори кои ќе учествуваат во спроведувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите во периодот од 1 до 21 април годинава. Главен услов е тие да немаат засновано работен однос и да завршиле средно образование.

Заводот за статистика од пријавените ќе одбере 5.055 попишувачи и 506 реонски инструктори, кои во март ќе бидат обучени за попочнување на апликацијата за попис, а обуките ќе ги спроведат 150 државни инструктори кои први ќе поминат низ обука наредната недела.

Според Заводот за статистика, ќе се почитуваат пропишаните здравствени протоколи, а добро би било доколку сите инструктори и попишувачи бидат во приоритената група за вакцинирање. Попишувачите ќе добијат маски и друга заштитна опрема, а кај болните и кај лицата во изолација ќе влегуваат со мантили и визири, според безбедносните протоколи.

Директорот на Заводот Апостол Симовски вели дека критичниот момент за пописот ќе биде на полноќ меѓу 31 март и 1 април. Тоа значи дека починатите граѓани и родените бебиња по овој критичен момент нема да влезат во статистиката. Семејствата или блиските роднини ќе треба да дадат информации за починатиот член доколку тој починал по критичниот момент, но пред да пристигнат попишувачите во нивниот дом.

Ние имаме критичен момент и ја гледаме состојбата заклучно со тој датум. Ако лицето било живо до тој момент, но починало пред да пристигнат попишувачите, тогаш тоа лице ќе се брои и ние ќе земеме податоци за тој човек. Од друга страна, ако се роди дете по критичниот момент, тогаш тоа бебе нема да влезе во статистиката. Тоа се прави за да се утврди точната состојба до одреден датум. Тој момент е полноќ помеѓу 31 март и 1 април, па сите податоци се собираат само до тој ден. Кога ќе ве прашаме дали во текот на изминатата недела сте работеле за дополнителен хонорар, тогаш ние мислиме за последната недела од март, иако попишувачите можат да пристигнат во домот на 15 април, на пример, појасни Симовски за Плусинфо.

Подготовките за спроведување на пописот течат и засега не се забележани никакви проблеми. Од 1 март започнува самопопишувањето, како и попишувањето на лицата во Армијата и во дипломатско-конзуларните претставништва. Обуките на попишувачите почнуваат од 15 март.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.