Со 72 гласа „за“, 3 воздржани и 5 „против“ во Собранието денеска беше донесен Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, по скратена постапка. Со Законот дозволено ќе биде легализирање на дивоградби во заштитени подрачја, како национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачје на заштитено недвижно културно наследство, како и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган.

Можете слободно да ја погребате надежта за правна држава на овие простори, реагираат на веста од О2 иницијативата.

Од хациенди, базени, доградби, надградби, гаражи, остави, во заштитени подрачја и вон нив, насекаде, онаму каде првиот закон застана, на 3 март 2011, сега сè ќе се легализира со новиов закон каде рокот е кога ќе стапи на сила. Значи има уште време да си доизградите на диво пред да поднесете барање да ви се легализира. Ова на предлог на ВМРО-ДПМНЕ се додаде и се усвои, инаку ќе беше за дивоградби изградени до 1.10.2019 година.

Со овој закон се запираат сите постапки за уривање на дивоградби и сите поврзани управни и судски постапки. Да, тоа значи и ако има кривични пријави, и тие се стопираат. Пратениците од Комисијата за транспорт, врски и екологија, со исклучок на претеничката на ДОМ, само пред неколку дена усвоија и измена со која законов нема рок на важење од 7 години, туку ќе важи додека сите постапки не се завршат, колку и тоа долго да трае. Истовремено и на стариот закон, чија важност истече на 3.3.2021, му го тргнаа рокот на важење, па и тој е на сила до недоглед. Инаку законов ниту беше ставен на ЕНЕР, ниту виде јавни расправи, ниту стручни мислења, ништо. Под превез на демократија си поминува некакво криминално-клиентелистичко-феудално општество. Закопајте ја секоја надеж дека има шанса за правна држава“, реагираа на оваа собраниска одлука О2 иницијативата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.