Претседателот на Собранието, Талат Џафери согласно своите уставни надлежности денеска распиша избори за членови на Советот на Општина Тетово. Согласно Решението што го донесе Џафери врз основа на Изборниот законик, изборите за членови на Советот на Општина Тетово ќе се одржат на 20 август 2022 година.

На денешната седница на Државната изборна комисија беше утврдено дека јавниот увид во избирачкиот список започнува од 1 јули и трае 20 дена, заклучно со 20 јули. Собирање потписи за независни листи на кандидати започнува од 30 јуни, и ќе трае 15 дена заклучно со 14 јули и истото ќе се спроведе во подрачното одделение на ДИК во Тетово. Доставувањето на кандидатските листи за кандидати за Совет на Општина Тетово, до Општинската изборна комисија е најдоцна заклучно до 15 јули до 00:00. Жрепката за редниот број на гласачкото ливче за листите за Совет за Општина Тетово, ДИК ќе ја спроведе најдоцна до 26 јули. Изборната кампања за изборите за Советот започнува на 31 јули во 00:00 часот и трае до 18 август до 00:00 часот.

Роковите за извршување на сите изборни дејствија почнуваат да течат од денот на објавувањето на Решението за распишување на изборите во „Службен весник на Република Македонија“.

На владина седница на 14 јуни беше донесено решение за распуштање на Советот на Општина Тетово согласно исполнувањето на еден од условите во членот 75 од Законот за локална самоуправа, според кој општинските совети ќе бидат распуштени доколку не ја донесат завршната сметка и Буџетот до 31 март како што е предвидено со законската одредба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.