Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во негово, и во име на партијата, го честиташе 21 Декември – Денот на наставата на турскиот јазик.

Мајчиниот јазик и националната мисла отсекогаш биле и останале обележје и нераскинлив дел од идентитетот на секој од народите. Република Македонија знае да ги цени таквите обележја, тоа претставува и наша трајна определба. Истите тие обележја треба да ги негуваме и прославуваме како еден од нашите основни општествени постулати. Ваквото одбележување претставува совршен пример за почит кон јазиците, културата и традициите на заедниците во една држава, порача Мицкоски.

Тој потсети дека пред неколку години Собранието во кое што мнозинството го имаше токму ВМРО-ДПМНЕ донесе законски измени со кои се овозможи прогласување на денот на настава на турски јазик за државен празник.

Така и ќе продолжиме да градиме мостови на соработка и политика на подадена рака. Јазикот на еден народ треба да поврзува, а не да разединува. Таа политика на соработка мора да опстои во овие времиња на предизвици и тежок живот на граѓаните. Турците во Македонија ја делат тешката судбина со останатите граѓани, а наша обврска ќе биде да му помогнеме на секој еден човек, да работиме на решавање на проблемите и обнова која ќе значи сигурна иднина. Ви посакувам добро празнично расположение, многу здравје, успех и благосостојба во Вашите семејства. Нека Ви е честит 21 декември – Денот на настава на турски јазик, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.