Барање мито, приватни разговори, делови од разговори… Јавноста имаше можност во изминатиот период да гледа разно-разни видеа и да се изнаслуша многу разговори. Некои реални, некои сечени и монтирани… За некои се тврдеше дека се сечени, за други се докажа дека навистина се сечени, лепени, монтирани. Јавноста се сеќава на видео снимката како сега веќе актуелниот премиер Зоран Заев бара мито во времето кога бил градоначалник? Се работеше за снимка која е прибавена законски со наредба на обвинител и согласност на истражен судија. Се чинеше дека тогашниот струмички градоначалник беше фатен на дело. Но излезе со образложение – снимката која се пуштила во јавноста за тоа како бара мито не била целосна.

Судот го ослободи. Заев не одговараше за барањето мито кое беше очигледно на видеото кое кружеше во јавност. Не го ослободија затоа што во останатиот дел од снимката велел дека не сака поткуп и дека се шегувал претходно. Го ослободија затоа што бил обвинет по погрешен член од Законот. Еден бил членот за кога ќе бараш и земеш мито, друг бил кога ќе бараш а нема да земеш. Зошто не зема? Се тврдеше дека, буквално, во последен момент, некој негов близок од полицијата или обвинителството му јавил и го предупредил. Инаку, коментираа тогаш извори од полицијата, тоа што го барал и ќе го земел.

Во снимката слушнавме каде и кому треба да се дадат парите. Во штедилницата Пион во Струмица која е негова, односно лично на брат му. Таму треба да ги даде парите на рака. Било договорено и времето, денот, часот. Дали личноста која во последен момент му јавил дека е под надзор, сега е високо награден со функција или пак со пари?! Или можеби со двете. Тој го спаси од заворска казна која му се закануваше и нему, но и на неговиот брат.

Зошто е ова важно?

Тогаш Заев изговор и оправдување му беше дека снимката не е целосна, дека истата е сечена, монтирана, со цел да му се наштети. А сега веќе има и доказ и признание дека тој интервенирал во снимките кои беа незаконски прибавени и ги пушташе во јавноста како „бомби“.  Призна дека  снимки од „бомбите” ги крател, а јавноста имаше можност да слушне дека со тоа негово кратење им ја менувал и суштината. Тоа се случи во последната снимка од телефонскиот разговор помеѓу поранешниот премиер Никола Груевски и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска поврзан со Мартин Нешковски. Оригиналната снимка која беше објавена неодамна покажа дека тие двајца во ниту еден момент не разговараат како да се заштити лицето кои го уби Мартин Нешковски,онака како што Заев прикажа на прес-конференцијата кога ја пушти таа негова „бомба“. Напротив, тие разговараат дека мора побрзо убиецот да се изнесе пред суд за делото кое го сторил. Дека тука нема правдание, без разлика на сторителот.

Но што направи судот?! Експертите коментираат дека  негативно е што судот си дозволи таков преседан. Велат еден ден сигурно ќе влезе во учебниците по право во лекција на партиски контролирано судство.

Обвинетите во судница уредно побараа вештачење на аудио материјалите за нивната целовитост и за нивната автентичност. Некои од обвинетите сами ангажираа вештак кој им дал вештачење на „бомбите“ кои ги пушташе Заев. Но, сите судии кои судат во случаите го одбија тоа. Сегашната опозиција обвинуваше дека причина за тоа е што сите судии се диригирани од еден центар на моќ.  Адвокатите негодуваа, зошто вештачења се прават за многу помали работи – ако еден комшија тужи друг комшија дека му ја обрал пола од крушата во дворот. Каква иронија.

Што ќе се случи сега откако излезе снимката на Ел Чека и јавното признание на Заев дека сечел и крател во скоро сите снимки и дека всушност судот има само една третина од снимките?! Ако и после ова судот молчи и не превземе корективни чекори, а тоа е преразгледување и прифаќање на барањата за вештачење на снимките со нивна споредба со оргиналната снимка направена на опремата на МВР, со неприфаќање на докази во случајот аудио снимки кои се копии не споредени со оргиналот и се разбира или нивна споредба со оргиналот или нивно отфрлање како докази, тогаш може ли судот да го наречеме суд?! – коментираат експертите.

Велат судот не смее да продолжи да ја игнорира јасната одредба во Законот за заштита на приватноста и ако наместо сопствениот национален закон во случајот член 12 став 2 од Законот за кривична постапка каде јасно пишува дека нелегално прибавени докази не можат да се користат како докази во суд, се повикуваат на некакво мислење на некоја комисија чие мислење доколку е такво е спротивно на националните закони, тогаш овој суд не е суд туку, туку политичка инквизиција.

Најстрашно е што токму онаа пракса која веќе и со закон судиите се задолжени да ја следат, а тоа е праксата на судот во Стразбург, не ја следат. На пример во делот на дадените па повлечени помилувања. Неприфаќањето на вештачењата, прифаќање на копии неспоредени со оригиналот,  селективно избрани кратени и монтирани делови од разговори, итн. Се е тоа брутално кршење на човековите права, нешто за што постои судот во Стразбург.

Сега ги нема никаде оние експерти кои се поддржувачи на СДСМ, разни професори, адвокати кои беа гласногворници за „бомбите“ и како истите треба да се третираат… Тие се гласни експерти само кога се нарушени човекови права на некој од СДСМ.

Јавноста реагираше и на пресот на јавното обвинителство поврзано со случајот „Рекет“. Сега, кога се работи за специјалната обвинителка Катица Јанева. Не смеат да се кажат ниту нејзините иницијали, затоа што давање иницијали на некој во предистражна постапка или опис што работел го сметаат за кршење на презумција на невиност. Што е со останатите прес-конференции кога со гордост и одважност се кажуваа иницијали за луѓе од сегашната опозиција додека се отвораа предмети против нив. Тоа се тие двојни аршини, двојни стандарди и немање интегритет кој за жал е присутен и кај судииите.

Кога нивниот наредбодавач Заев ќе падне, судиите не се глупави, дури и да не го виделе лично знаат од кого доаѓаат наредбите до оној кој ним потоа им дава насоки, целото нивно злосторство ќе излезе на површина. Пресудите ќе им паднат „како круши”, а тие ќе треба да одговараат – коментираше во неколку наврати опозицијата. Времето ќе покаже кој е во право.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.