Двајца од избрканите дипломати со судска пресуда се вратија на работа, третиот се уште е на „чекање“ бидејќи МНР поднело жалба на одлуката на Апелација, но во јавноста се поставува прашањето кој ќе понесе одговорност за скандалот и дали дипломатите имаат право да побараат некаква отштета за нарушениот углед и стресот кој го доживеале. Од Министерството за надворешни работи вчера за „Република“ изјавија дека двајца вработени се вратени на работа и ќе им бидат исплатени неисплатените плати и придонеси, додека постапката за третиот дипломат не е завршена.

Против тројца дипломати во Министерството беа водени дисциплински постапки врз основа на член 73 став 1 алинеја 22, и член 77 став 4 и член 78 став 3 од Законот за административни службеници, а во врска со член 74 став 2 алинеи 3 и 5 од Законот за надворешни работи и член 21 став 1 и 2 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и други лица што вршат работи за Министерството за надворешни работи. Дисциплинските постапки без водени поради нивно присуство во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година, со што, по мислење на Министерството, постапиле спротивно на Етичкиот кодекс нарушувајќи го угледот на професијата дипломат, угледот на Министерството и на државата. Поради ова им е изречена дисциплинска мерка – престанок на работен однос.

Министерството за надворешни работи ја поведе постапката откако, на барање доставено до Министерството за внатрешни работи од јуни 2017 година, во септември 2017 година доби одговор дека лицата биле во Собранието на 27 април 2017 година – изјавија од МНР за Република.

Дисциплинската комисија во МНРзаклучила дека со тоа што на кобниот ден биле неколку минути во Собранието го нарушиле угледот на професијата дипломат и угледот на министерството и државата. Судот меѓутоа ја прифатил аргументацијата на дипломатите кои во својата жалба навеле воопшто не учествувале во какво било насилство, не носеле транспаренти, не држеле говори и што е најважно, во тој момент немале работни обврски и на ниту еден начин не ја довеле во опасност репутацијата на МНР. Ако е така, тогаш се поставува прашањето, дали тие се во право кога се сомневаат дека процесот против нив е обична политичка одмазда кон неистомислениците, а не некакво заштитување на угледот на македонската дипломатија?

На дипломатите освен што се вратени, ќе им бидат исплатени сите заостанати плати и придонеси, но не е исклучена можноста тие да побараат и друга сатисфакција поради неправдата која им е направена.

Инаку, правната завршница на оваa пресметка се случува во момент кога новоизбраниот претседател Стево Пендаровски најави дека ќе побара од Владата и МНР анализа за сите дипломатско – конзуларни претставништва на земјава во странство и за компетенциите на амбасадорите за да се видат перформансите на надворешната политика.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.