Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска беше во посета на Крушево. По посетата на споменикот Македоиум, каде што се наоѓа гробот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев и на гробот на војводата Питу Гули, Мицкоски напиша на Фејсбук:

“Најголема и најсвета е љубовта кон слободата.”- велеше Карев. Годините пред и по Илинденското востание се времето кога тој со своето дело, чекори и делување се впиша во историјата. А Питу велеше дека “единствена моја мајка е Македонија”. Тие ги дадоа своите животи за слободата, за правдините, за Македонија. Но уште поважно нивното дело е аманет, света должност за сите идни генерации да ја сочуваат и обезбедат сигурноста на Македонија.


Денес 115 години по Илинденското востание и Крушевската Република, Република Македонија се соочува со силни предизвици, тешкотии, црнила, пишува Мицкоски.

Ние како генерација ја имаме честа да го продолжиме аманетот, но за жал, како и секогаш во нашето минато има луѓе кои ги создавааат предизвиците, ја втурнуваат нашата земја во црнила, кои значат променето име, сиромаштија, страдање и безизлезност.

Моја, наша, заедничка обврска е да ги победиме тие црнила, и да ја вратиме државата на народот. Исправено, гордно, заеднички да ја обезбедиме иднината на младите, на поколенијата што доаѓаат. Да ги обезбедиме европските вредности, прво преку европеизација на нашите вредности и принципи овде дома, во нашиот двор.

Но за да победиме, мора да застанеме цврсто на нозе, и да се спротивставиме против власта која го одзема сето она што вреди и која е силен тег на наредокот на државата. Народот е сопственик на оваа земја, и тој ја има силата.

Само така ќе одадеме почит и кон големите наши луѓе од историјата кои ги дадоа животите за нашата слобода. Така ќе одадеме почит и кон Карев и Питу чие дела и саможртва се и идеја, емоција, инсипирација, пишува Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.