Досегашната неутралност и придонесот што Мисијата на ОБСЕ во земјата го даде во надминувањето на бројните предизвици изминатиов период, особено во делот на изборните реформи, но и севкупно, во спроведување на принципот на владеење на правото, се од голема полза за Република Македонија, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на денешната средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

Изборните реформи се едни од клучните предизвици за наредниот период, вклучувајќи ја тука и имплементацијата на сите претходни препораки на ОБСЕ/ОДИХР, особено во пресрет на претстојните претседателски избори, имајќи предвид дека наш приоритет се слободни, фер и веродостојни претседателски избори, нагласи Османи, посочувајќи и на останатите реформи што ѝ претстојат на земјата во пресрет на новиот извештај на Европската комисија во април.

Османи, како што соопштија од прес-службата на СЕП, Османи изразил задоволство од изгласувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси што ќе придонесе во постигнувањето на поефикасна превенција и борба против корупцијата, a истовремено изрази задоволство што со истиот се зајакнува и ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата, чиј нов состав ќе треба да го мониторира и изборниот процес во делот на финансирањето на политичките партии за време на претстојните претседателски избори.

На средбата се разговарало и за поддршката и помошта што Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја обезбедува за Република Македонија во насока на исполнување на реформите и во останатите области како што се судството, медиумите, граѓанскиот сектори итн. Освен тоа, се разговарало и за спроведување на Планот 18, за подготовката на придонесот на земјава кон извештајот на Европската комисија, како и за сите останати активности поврзани со конечното остварување на стратешките цели на Република Македонија, членството во ЕУ и НАТО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.