Никола Груевски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски го мобилизирале членството на ВМРО-ДПМНЕ за протестите од 27 април 2017 година пред законодавниот дом, рече шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска на денешната прес-конференција.

Рускоска истакна дека поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски преку медиуми ги повикал граѓаните на протести.

Осомничениот Н.Г. како тогаш претседател на политичка партија ги повикал преку медиум граѓаните на протести и заедно со другите обвинети за таа цел ја ставиле во функција цела партиска структура на таа политичка партија. Имаме и пораки. Дел се обезбедени. Бидејќи се работи за истражна постапка доказите ќе бидат испратени до судот затоа што според законот судот е тој што поднесува барање за екстрадиција до Министерството за правда, рече Рускоска.

Никола Груевски, Трајко Велјановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Никола Бошковски се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за истото дело во оваа истрага за настаните на и пред 27 април ќе се сомничи и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, кој е веќе во притвор.

На протестите на „За заедничка Македонија“, кои траеја 73 дена, од 27 февруари 2017 година, ниту еден член на високите органи на партијата ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и тогашниот претседател на партијата Никола Груевски, ниту еднаш не излезе на улица. Од првиот до последниот ден протестите беа натпартиски, граѓански и мирни, а повикуваа за зачувувување на националниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.

И СДСМ фарбаше шарено

Од друга страна, на 5 мај 2015 година под превезот на граѓански протест беше организирaн насилен упад во објектот на Владата на Република Македонија во кој беа нападнати и повредени припадници на безбедносните сили.

Насилствата почнаа како наводен спонтан граѓански протест по повод објавување на бомбите на Зоран Заев, во тоа време претседател на опозициската СДСМ, но во еден момент преминаа во отворено насилство и хулиганство насочено кон полицијата. Како што известуваа медиумите, тогаш видно беше присуството на партиски активисти на СДСМ, но и на високи функционери. Според снимките на медиумите, присутна на насилниот настан била и Радмила Шекеринска, заменик-претседател на СДСМ.

Високи функционери на СДСМ, меѓу кои и самиот претседател на партијата, а денес премиер Зоран Заев, учествуваа во протестите на Шарената револуција во 2016 година, во кои беше запалена Канцеларијата на претсетадателот Ѓорге Иванов, беа сквернавени државни институции, спомен-одбележја…

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, неговата заменичка Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Стефан Богоеврамо до рамо и се изживуваа со боја врз државниот и јавниот имот на Република Македонија. Со вандалскиот чин на фрлање боја на Министерството за правда лидерот на СДСМ го покажа висинското лице, дека не само што е лидер на опозицијата туку е и лидер на Шарената револуција.

Ќе има ли обвинение за тероризам за Заев?

Ќе има ли обвинение за тероризам за Заев, неговите заменици, градоначалниците и другите високи функционери на партијата кои денеска се на високи државни функции затоа што учествуваа во протестите на Шарената револуција? Не повикале преку медиум, туку кршеле, фарбале, упаѓале, а можеби повредувале и полицајци? Ако Обвинитеството гледа „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ во повикот на Груевски „преку медиум на протести“, што треба да види во учеството на Заев во Шарената револуција? Сака ли да види Рускоска или ќе продолжи доследно да го практикува „Рускоска обвинителството“ наместо да ја спроведува правдата?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.