Дваесет и девет години од основањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ. На свеченоста во Македонската филхармонија претседателот на партијата Христијан Мицкоски пред присутните членови на партијата и гости потсети на многуте поединци, цврсти индивидуи, интелектуалци, научници, кои се вградиле во партијата за овие години и оставиле траен белег.

Сите со свој придонес. Имавме  грешки од кои учиме, и подвизи со кои се гордееме. И денес имаме подадена рака кон сите, кон секој еден човек, кон секој кој поседува потенцијал, мотив и верува дека можеме да донесеме промена и да успееме, рече Мицкоски.

Гледано од оваа перспектива, Мицкоски констатира две работи се сигурни: Првата – СДСМ паѓа, а втората – ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот победува.

Заев е на колена и во сопственото блато, а ВМРО-ДПМНЕ по изборите кога и да се случат ќе формира влада со која Македонија ќе оди вистински напред. И немојте да мислите дека заборавам од каде почнавме, но и низ сè што поминавме овие две години. И оние кои веруваа од почетокот, но и оние кои не веруваа, а поверуваа дека можеме, на оние кои сè уште не веруваат, а знам дека ќе поверуваат, ви велам СДСМ и Заев се тргнати по удолницата од која нема враќање, а ВМРО-ДПМНЕ секој ден станува сè посилна, сè поорганизирана и свесна дека нè чека многу работа за да успее Македонија. А победата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победа на Македонија!  И ова ви го ветувам, рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека е свесен во каква битка влегол, но вети дека нема да се откаже.

Ова е битка во кој влегов свесно, во која влегов со целото мое срце, знаење и чест. И во која ја вложувам мојата душа и себеси. И нема да отстапам, нема да отстапам поради мојот карактер, поради иднината на нашите деца, поради секој солза која пушта обичниот човек поради неправдите и сиромаштијата, поради одземената иднина, поради мајките кои плачат за своите деца кои си одат од земјава, поради сите наши луѓе кои чесно и даваат на оваа земја без да побараат повеќе од тоа што вложуваат. Македонија ќе успее, затоа што нема простор повеќе за неуспеси.

И има и такви кои ми велат народот не го сака Заев, ама гледај сè му поминува, а народот молчи и на крај останува убеден во тоа, рече Мицкоски.

И секако дека не можам да се сложам во тоа. Не успеаја да го скршат духот на Македонецот, а се обидоа. Но, народот не може да се измами. И таман мислеа дека им помина, дека таа колективна психоза на разубавениот свет на Владата и вештачката среќа која треба да ја задуши тешката и болна реалност и вистинската несреќа, она психолошко насилие врз колективниот ум кој го применува оваа власт, ќе се распрсне како меур од сапуница, кога од 50 илјади грла од плоштадот „Македонија“ бодрејќи го шампионот Вардар ќе ве соочат со неуспехот на власта и тие изнасилени и вештачки политики, порачувајќи и пеејќи „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“. Тоа е оној рефрен кој Зоран Заев се срамеше да го пее. Е таквиот пркос покажува дека броени му се деновите на Заев, и никој не победил народ. Дека со сила убавина не бива. Дека за добар живот не треба уставна гимнастика, туку многу работа каква што не гледаме.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.