Во петокот во нашата редакција пристигна Демант и Барање извинување за клевета и навреда Александар Кирацовски – Република потпишано од правниот застапник на довчерашниот генерален секретар на СДСМ Александар Кирацовски.

Бидејќи Законот нè обврзува да го објавиме овој небулозен допис, ќе го сториме тоа. Но, прво да му разјасниме неколку работи на довчерашниот генсек, а сега само пратеник Александар Кирацовски.

Точно е дека некој треба да се извини, како што бара Кирацовски, но исто толку, ако не и повеќе од тоа, е точно дека ние нема да го сториме тоа. Од повеќе причини:

  1. Во барањето, повеќе од штуро, стои дека текстот е објавен во рубриката „Двоглед“. Тоа не е точно, текстот е објавен во рубриката „Македонија“, па еве му на Кирацовски линк и самиот да провери и да се увери: Две години функција на Кирацовски му донесоа хациенда во центар и „опел“ од 50 илјади евра. За овој пропуст не мора да ни се извини, зашто текстовите објавени во рубриката „Двоглед“ се фикција, па не би сакал да се бламира и да демантира текстови под кои на македонски и на англиски јазик е нагласено: „Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
    *** The aim of “Dvogled” is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental..“ Иако, и тоа се случувало во минатото, но во оваа пригода нема да се оддалечуваме од темата и да ве резилиме со партиските деманти на текстовите објавени во рубриката „Двоглед“.
  2. Текстот што го демантира Кирацовски и за кој бара да му се извиниме е туѓо тврдење преземено од отворен профил на Фејсбук, во случајов на неговиот сограѓанин Душко Илиевски, познат како Душко Млекарот. Во текстот не е изнесен редакциски став, нема наш коментар, па и да сакаме, не можеме да се извиниме за туѓото мислење и туѓите информации. Иако не сакаме. Од друга страна, за небулозата на Кирацовски да биде поголема, вечерта кога тој на Фејсбук најави дека ќе нè тужи за клевета, истиот овој Душко Илиевски го повика да го тужи него, а да ги остави медумите на мир. Ги пренесовме и двата статуса, и на Кирацовски и на Илиевски, но очигледно Кирацовски не прочитал, па во текстот кој знаеме дека ќе го прочита, уште еднаш: Душко Млекарот го повикува Кирацовски место медиумите него да го тужи. Значи, поранешниот генсек сега кога ја има има адресата, само треба да ја потегне тужбата. И да го упати демантот на истата адреса. Но, ако рибата смрди од главата, како што вели претседателот на неговата партија, не нè изненадува обидот на Кирацовски да нè замолчи по урнекот на големиот учител Зоран Заев. И тој така, пред речиси една година, лично, демантираше личен став и се закануваше со тужби. Демантираше Заев и редакциски став и се закани со тужба, исто така.
  3. Дали сте свесен, пратенику Александар Кирацовски, каква порака испративте со тоа што им се заканувате на медиумите од позиција на пратеник? Дали сте свесен каква штета му нанесувате на угледот на Собранието што дрско си дозволивте дури и да нагласите дека од позиција на пратеник им се заканувате на медиуми и ги квалификувате како вакви и онакви? Дали сте свесен дека штотуку потврдивте дека живееме во репресивно општество, во систем за кој не се штедите во друга пригода да речете дека е режим? Да, пратенику Кирацовски, тоталитарните режими ги замолчуваат медиумите, како што сега се обидувате вие кој не се срамите да нагласите дека сте претставник на тој режим. Да бевме несериозен медиум, како што велите вие, пратенику Кирацовски, немаше со години да ви бидеме трн во окото и да се обидувате да нè замолчите со репресии, што физички што финансиски. Знаете вие добро, пратенику Кирацовски, колкаво е влијанието на Република врз јавното мислење во Република Македонија.
  4. Како што рековме, точно е дека некој треба да се извини. Треба да се извинте, вие Кирацовски, СДСМ, вашата извршно-судска спрега и вашите шарени револуционери  и тоа нам, на Република, на која ѝ се заканувате дека ќе ја тужите. На ваков притисок со несмален интензитет сме биле изложени и во изминатите години, кога бевте опозиција. Јавноста во Република Македонија и дипломатските претставништва на странските земји се запознаени за заканите, уцените, тужбите со кои сме се соочувале, за нападите врз нашите новинари и фоторепортери, за судските процеси кои се водат пред македонските судови и за обидите за дискредитација на уредниците и новинарите на Република, како и со последниот случај на закана, во кој група активисти од Шарената револуција и невладини организации поддржани од Фондацијата „Отворено општество“  бараат од судот директорот на Прва Република д.о.о. да биде осуден со затворска казна од три месеци  или една година условна затворска казна, а за текст објавен во неделникот „Република“ во 2016 година, за кој веќе е платена прекршoчна казна. Треба да ни се извините за двегодишните репресии врз нас како медиум, за истепаниот фотограф од обезбедувањето пред седиштето на вашата партија, за заканите по живот и за „буништата“ на кои нè испраќаат членови на вашата партија. За тоа што овие случаи никогаш не добија судска разрешница. Да ни се извините за притисокот што го извршивте преку Фејсбук и Твитер пред референдумското изјаснување, со што нашиот медиум претрпе голема финансиска штета.

Ние немаме кому да се извиниме што одговорно си ја вршиме работата, а тоа вам ви пречи, зашто објективното информирање на Република.мк има несомнено големо влијание врз јавното мислење во Република Македонија. Наместо да го лажете народот со розови очила замолчувајќи нè нас, обезбедете му розова иднина. Смртта на Република нема да ја воскресне вашата вистина.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.