По застарувањето на кривичното дело во случајот „Траекторија“ за поранешниот премиер Никола Груевски, пратеникот Александар Кирацовски ќе поднесе предлог Закон со кој кривичните дела сторени од избрани и именувани функционери нема да застаруваат.

Политиката е специфична и комплицирана дејност и наука.
Понекогаш во истата, постојат моменти кои за општо добро треба да ги надминете или избегнете, нешта кои треба компромисно да ги решавате, но и работи кои мора да ги спроведете, мора да ги испорачате и кои не смеете да ги пропуштите или испуштите од вид.

Правдата, т.е. нејзиното испорачување е токму таква работа и насушна потреба во нашето општество!

Спасувањето на Никола Груевски од кривичен прогон во случајот „Траекторија“ е токму таква ситуација која не смее да се дозволи и да се испушти од вид, туку треба да се предвиди и превенира, особено ако се има во вид крајно корумпираното судство (со чесни исклучоци), подготвено да биде на услуга на екс политичкиот кадровик во судскиот систем.

Бегството во Унгарија и застарувањето на ова дело, (Траекторија), поради истекување на рокот од шест години, без правосилна пресуда, од јавноста се прочитани како спас на симболот на криминогеното политичко подземје за време на неговото владеење, Никола Груевски, луксуз кој не смееме да си го дозволиме ни сега ниту во иднина.

Токму затоа, како пратеник во Собранието на нашата Македонија, поднесувам Предлог-закон со кој кривичните дела сторени од избрани и именувани функционери нема да застаруваат.

Ќе побарам поддршка од сите 120 колеги пратеници да се приклучат кон ова законско решение и заедно во најбрз можен рок истото да биде изгласано и применето во позитивните законски прописи во државата.
p.s.
Знам дека после се што се случува во нашата држава, ова може ќе звучи иронично, но ПРАВДА МОРА ДА ИМА!, пишува Кирацовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.