Вечерва пред затворање во нашата редакција пристигна Демант и Барање извинување за клевета и навреда Александар Кирацовски – Прва Република потпишано од правниот застапник на довчерашниот генерален секретар на СДСМ Александар Кирацовски.

Бидејќи Законот нè обврзува да го објавиме овој небулозен допис, ќе го сториме тоа. Но, прво да му разјасниме неколку работи на довчерашниот генсек, а сега само пратеник Александар Кирацовски.

Точно е дека некој треба да се извини, како што бара Кирацовски, но исто толку, ако не и повеќе од тоа, е точно дека ние нема да го сториме тоа. Од повеќе причини:

  1. Во барањето, самиот правен застапник, или пратеникот Кирацовски, сеедно, констатира дека за краток период бара вторпат да му се извиниме за текст од иста природа. Тогаш му објаснивме, но овојпат за ненаучена лекција, се знае – седи, кец! Текстот што и овојпат го демантира Кирацовски и за кој бара да му се извиниме е туѓо тврдење преземено од отворен профил на Фејсбук, во случајов на неговиот сограѓанин Душко Илиевски, познат како Душко Млекарот. Во текстот не е изнесен редакциски став, нема наш коментар, па и да сакаме, не можеме да се извиниме за туѓото мислење и туѓите информации. Иако не сакаме.
  2. Од друга страна, кога Кирацовски на Фејсбук најави дека ќе нè тужи за клевета, истиот овој Душко Илиевски го повика да го тужи него, а да ги остави медумите на мир. Се создава впечаток дека не може пратеникот Кирацовски да удри по магарето, па удира по самарот. Еве, ве охрабруваме, пратенику, – побарајте извинување од Душко Млекарот или појако – тужете го! Ама, ете, Кирац се накомил на медиумите, во духот на бабарогата што ја пушти Владата минатата недела „лажни вести се шират на порталите, мораме да ги запреме пред сите да нè дознаат што мустра сме“. За жал, не нè изненадува обидот на Кирацовски да нè замолчи по урнекот на големиот учител Зоран Заев. И тој така, пред речиси една година, лично, демантираше личен став и се закануваше со тужби. Демантираше Заев и редакциски став и се закани со тужба, исто така. Премиерот дури отиде додаму што испрати по пошта, не само електронски, две писма во розови плика, едното потемно, другото посветло, залепени со селотејп и адресирани до директорот на Република. Да не спомнуваме дека беа потпишани лично од НЕГО ;). Цензурата е во воздухот, ја чувствуваме.
  3. Пратенику Кирацовски, нè критикувате дека не сме ја слушнале втората страна, па затоа јавно ве покануваме (сме ѕвонеле ние и за фризерките, и за братучетките, но не кревате на непознати новинари) во текот на месецов, или уште подобро в понеделник на 5 август, во нашата редакција, на булевар „Илинден“ број 9, спроти Владата, да нè почестите со вашето присуство и да поразговараме за сите теми за кои сте повеќе од популарен во изминатиов период. Секако, без цензура, зашто добро знаете колкаво е влијанието на Република врз јавното мислење во Република Македонија и колку далеку може ќе се слушне вашата вистина.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.