Откако претседателот на Собранието Талат Џафери го соопшти ставот дека Јавна дискусија за измените на Изборниот законик, во скратена постапка, не може да се организира, бидејќи тоа не е предвидено со Деловникот за работа на Собранието, со изјава пред медиумите му реплицираше Александар Кирацовски.

Јавна расправа за изборниот законик ќе има, макар и во холот на Собранието – вели Александар Кирацовски.

Кирацовски смета дека ако во предлогот за донесување на Законот имало барање за јавна дискусија и Парламентот гласал за тоа, тогаш би можело да има јавна дискусија.

Не знам кои се побудите за ваквата одлука на претседателот на Собранието, господинот Талат Џафери да спречи Јавна расправа за толку битно прашање (измените на изборниот законик), но уште веднаш можам да констатирам дека истите се недемократски, ограничувачки и од теснопартиска природа. Имено, досега без проблем се имаат организирано повеќе Јавни расправи за закони поднесени по скратена постапка, како на пример „Закон за данокот на личен доход“ и „Предлог на закон за изменување на законот за заштита од пушењето“, а предлозите за јавните расправи доаѓале токму од опозицијата која денес заедно со ДУИ сака да изврши блокада на ова законско решение. Впрочем суштината на јавната расправа е што од истата произлегуваат предлог идеите за суштински амандмани со кои се подобрува законското решение, а сега законот е токму во таа фаза. Дополнително, со тоа што во скратена постапка првото и второто читање на законите е споено, а потребата на законот е веќе изгласана и пратена во процедура, ова е единственото време кога расправата вреди да се одржи. Останувам на ставот дека јавна расправа треба да има и ќе има, независно дали истата ќе се одржи во собраниската сала, во холот на Собранието или можеби во некоја конференциска сала надвор од собранието, макар нарекувајќи ја и јавна дебата за промена на изборниот модел со која се предвидува една изборна единица, еднаква родова застапеност и отворени листи за локалните избори, изјави Александар Кирацовски.

Претседателот на Собранието, Џафери рече дека повеќе пратеници, односно претседатели на комисии, до него доставиле вакви формални барања, но во нив, според него, нема наведено врз основа на што ги засноваат.

Не само од Кирацовски туку и од други има, вели тој. Вака предупредува Џафери, 120 пратеници и дваесет и неколку тела по секој предлог може да организира јавна расправа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.